Роботизираното куче водич, измислено од кинески научници од Шангај, е помалку влакнесто од вистинските кучиња и има шест нозе, а се смета дека еден ден би можело да им помогне на лицата со оштетен вид да водат понезависен живот.
Роботизираната верзија на кучето што моментално се тестира во теренски услови, способно е да се снаоѓа во физичкиот свет преку камери и сензори и може да препознае светла на семафор што традиционалните кучиња-водичи не можат, пренесува Ројтерс.
Приближно е со големината на англиски булдог и со помош на вештачка интелигенција интегрирана во технологијата за препознавање глас, планирање маршрути и идентификација на семафори, може да комуницира, слуша и разговара со луѓе со оштетен вид, а трите пара нозе му помагаат лесно да оди со максимална стабилност.
Сопружниците Ли Феи (41) и Жу Сибин (42) се лица со оштетен вид кои му помагаат на тимот научници од Универзитетот Џиао Тонг да го тестираат кучето – робот користејќи команди на кинески јазик.