На железничката станица за брзи возови во градот Женгжу, во кинеската покраина Хенан, започна да патролира полицаец робот.
Роботот може да ја обезбедува територијата без помош на човек, со скенирање и препознавање на лицата на патниците. Може, исто така, да одговара на прашањата на патниците, да го скенира нивото на температурата и да предупреди на евентуален пожар.
Роботот во текот на една седмица ќе биде тестиран, а потоа постојано ќе дежура во ноќните смени, кога фреквенциите на патниците се помали.
Во прилогот на агенцијата China News Service се содржат фотографии на црно-бел робот со височина малку помала од просечен човечки раст кој се движи на тркала, опремен со мноштво сензори.
Кон крајот на септември 2016 година, на терминалот 3 на аеродромот во кинескиот град Шенжен започна да патролира роботот со ознаката AnBot.Тој е висок, 1,49 метри и тежок 78 килограми, а неговата максимална брзина е 18 километри на час. Тој е опремен со четири камери со висока резолуција и може да ги препознава лицата на патниците. Снимките од лицата на патниците потоа ги препраќа на обезбедувањето на аеродромот.