Првото откритие на древни римски артефакти во Јапонија ги збуни археолозите кои што бараат одговор на прашањето како овие монети завршиле толку далеку, на јапонскиот остров Окинава.
Градскиот одбор за образование на градот Урума откри дека под рушевините на замокот Катсурен се пронајдени монети за кои што се верува дека датираат од третиот или четвртиот век.
Археолозите најпрвин помислиле дека пронашле монети кои што ги оставиле туристите за да се пошегуваат, но Тоширо Тсукамото, истражител од Одделението за културно наследство веднаш ги препознал монетите.
„Дојдов тука за да ги анализирам артефактите како што се јапонскиот самурајски оклоп кој е пронајден на ова место, па ги забележав и монетите. Сум бил за време на ископувања во Египет и Италија и сум видел многу римски монети, па така веднаш ги препознав“, изјави Тсукамото за американски CNN.
Монетите еродирале, па тешко е да се „дешифрира“ тоа што го пишува на нив, но во секој случај, со Х зраците е откриен ликот на Константин Први кој владеел со Римското царство од 324 до 337, како и војник кој што држи меч.
Сето ова е мистериозно за археолозите затоа што јапонскиот замок Катсурен кој е под заштита на Унеско не постоел до 13-тиот век. За време на понатамошните ископувања, биле пронајдени уште шест монети кои што датираат од Отоманската империја и доцниот 17-ти век. Островот Окинава имал развиена трговија со југоисточна Азија и Кина од 14-ти до 16-ти век, а замокот Катсурен во тоа време бил важен центар за трговија.
Одборот за образование на градот Урума ги опишува пронајдените римски монети како „драгоцен историски материјал кој што укажува на поврзаноста помеѓу Окинава и западниот свет“, пренесуваат западните медиуми.
„Ова откритие е навистина чудно и интересно. Не мислиме дека постои некаква директна поврзаност помеѓу римското царство и замокот Катсурен, но ова откритие потврдува дека овој регион имал развиена трговија со остатокот од Азија“, изјавил портпаролот на Одборот за CNN.