Хрватскиот иноватор и претприемач Мате Римац, покажа како напредува изградбата на новиот кампус во близина на Загреб, вреден 200 милиони евра. На фејсбук тој сподели 3D приказ од градилиштето. Кога ќе биде завршен, кампусот ќе биде седиште на компаниите Bugatti Rimac и Rimac Technology, и еден од најголемите развојно – истражувачки и производни комплекси во Европа, и тоа не само во автомобилската индустрија. Меѓу останатото во комплексот ќе се произведува и Rimac Nevera, како и клучните компоненти за идните Rimac и Bugatti модели. Кампусот ќе има изградена површина од 100.000 m2, а вкупната површина ќе биде 200.000 m2. Со тест патека која го опкружува комплексот, музеј, оддели за дизајн, инженеринг како и погони за производство и тестирање, новиот кампус ќе биде единствена локација и глобално седиште на компанијата Rimac.