Ретко се случува големите имиња во автомобилската индустрија да го менуваат сопственикот, но токму тоа му се случи минатата година на Bugatti. Излезе од закрилата на Volkswagen и сега е дел од заедничката компанија под името Bugatti Rimac, со Мате Римац на чело како извршен директор. Тој неодамна ги изнесе своите планови за иднината на брендот и неговиот личен печат во таа приказна.
Во своето интервју за медиумите, Мате Римац бил многу јасен во врска со работите кои не сакал да ги прави. За почеток, не сакал да залепи Bugatti знак на Nevera, што е начин на размислување кој многу автомобилски компании го усвојуваат во последно време. Исто така, тој рекол дека Bugatti едноставно веќе не се вклопува во концептот на VW, благодарение на поинаквите времиња.
„Профитабилноста не беше проблем за Volkswagen. Проблемот беше во прашањето – што следува? Бидејќи ако го погледнете Bugatti, сето тоа е базирано на моторот W16, стар речиси две децении. Тоа е неверојатна погонска единица. Јас сум тип за електрични автомобили, но Bugatti уште некое време би требало да има мотор со внатрешно согорување. Сепак, тоа не значи дека Bugatti ќе продолжи да работи со целосно неелектрифициран погон. Римац најавил дека следниот мотор со внатрешно согорување кој се наоѓа во Bugatti ќе биде „многу електрифициран“.