Соларната индустрија, а и заговорниците за корситење на соларната енергија, често трпат критики бидејќи иако постојат доста различни технологии кои се применуваат во пракса или се блиску до тоа, сеуште не е пронајдено вистинско решение за рециклирање на соларните панели, чиј век на траење е 20-25 години. Во исто време фотонапоснкиот отпад се повеќе се натрупува, а со оглед на глобалната експанзија на оваа технологија, ситуацијата брзо ќе стане алармантна. Индустријата и носителите на одлуки се свесни за тоа, па ветуваат решение најдоцна до 2035 година.
Со ветувачко решение се јавува стартапот Solar Materials од Германија, чиј тим оваа година ја доби престижната награда Solar Startup Award за своето револуционерно решение за рециклирање на соларните панели. Според нив, ширум светот досега се инсталирани над сто милиони тони соларни панели, и се очекува тоа неколкукратно да се зголеми до 2030 година. Оваа индустрија веќе троши над 10% од глобалното производство на сребро, додека процентот на рециклирање на среброто и силициумот од соларните панели е „нула“, велат од овој стартап. Имено, ниту еден комерцијален процес на рециклирање сеуште не може економски исплатливо да овозможи повторно користење на сите материјали од соларните панели. Решението на наградениот стартап овозможува рециклирање на сите материјали до високи 98%, а посебно е фокусиран на рециклирањето на среброто од кое се остварува најголема економска корист.