Инспириран од постојаната потрага по иновации и почитување на животната средина, проектот на станбени згради во Мексико, ги поместува границите на постоечките објекти на кои сме навикнати и во кои живееме.
Проектот „Living The Noom“, ја доби наградата Golden Trezzini за најдобар станбен простор и предлага нов концепт за домување заснован на три главни основи: велнес искуство, самоодржливост и флексибилен ентериер.
Истиот е потпишан од познатото архитектонско биро Sanzpont [arquitectura] во соработка со Pedrajo + Pedrajo Arquitectos, кое уште еднаш целосно изненади со својата иновација на естетика и технологија.
Со овој проект архитектите ја претставија станбената архитектура како функционална уметност која мора да се прилагоди на локацијата, но и на биоклиматските промени. Нивната проектанска филозофија се заснова на постојана потрага по иновации, креативност и почитување на околината.
На самиот влез во станбениот комплекс се гледа првиот столб на кој почиваат зградите – велнес центри кои се дизајнирани да им помогнат на станарите да ги спречат здравствените проблеми и да одржуваат здрав начин на живот.
Затоа, здравите домови треба да бидат проектирани, во согласност со неколку аспекти групирани во 10 главни концепти: воздух, вода, исхрана, светлина, движење, топлинска удобност, звук, материјали, ум и заедница.
Проектот постигнува одржливост преку интегрирање на техники за биоклиматско и одржливо одржување, како што се собирање дождовница, сепарација на отпадни води, биодигестери, прочистувачи, соларни панели за производство на електрична енергија и обвивки од вегетација кои создаваат бариера за загадување и го намалуваат ефектот на стаклена градина. Овие техники му даваат на проектот 85 отсто заштеда на енергија.
Користејќи биоклиматски дизајн, создадени се оптимални услови за домување со минимална потрошувачка на енергија преку целосна адаптација на климата и животната средина. Архитектите интелигентно ги имаат проектирано зградите да бидат саморегулирани, идеално самодоволни, каде потрошувачката на енергија е сведена на минимум, што резултира со помали трошоци за домување.
Дигиталната симулација им овозможи на архитектите да ја проценат и измерат топлината што ќе ја постигне секоја зграда во текот на денот.
Поставувањето на термоизолациона обвивка го спречува загревањето на просторот, а од друга страна, вегетациската фасада природно ќе го климатизира внатрешниот простор, при што за изградба би се користеле само обновливи извори, со што би се намалило целокупното негативно влијание врз животната средина.
Во внатрешноста на зградата е постигнат флексибилен начин на живот со проектирање на станови со отворен план кои можат да се конфигурираат според потребите на станарите на повеќе начини. Архитектите замислиле повеќе додатоци за мебел кои освен што заштедуваат простор, помагаат да им се овозможат различни намени при различни секојдневни активности.
На пример, спалната соба може да се претвори во домашна канцеларија во текот на денот, отворена просторија за вежбање јога или едноставно да се ослободи за да добие повеќе простор за трпезаријата. Во таа насока, архитектите со овој проект го разгледуваат користењето на просторот што ќе се користи за повеќе активности во текот на денот и ќе им дадат домашна задача на дизајнерите на ентериер да создадат мултифункционални простори кои ќе можат да се прилагодат на потребите на секое семејство.