Транзицијата кон циркуларна економија во земјите од Европската унија, многу доцни зад планот и покрај милијардите евра потрошени за тие цели, се вели во извештајот кој го објави Европскиот ревизорски суд (ECA). Акциските планови и финансиската поддршка на ЕУ, сосема малку помогнале во транзицијата на земјите членки кон циркуларна економија, посебно кога е во прашање циркуларниот дизајн на производите и производните процеси, соопштува ECA. Со оглед на таквата ситуација, ЕУ има мали шанси да ја оствари својата цел за удвојување на стапката на рециклирање на материјалите во текот на оваа деценија во споредба со претходната, се истакнува во извештајот.
Во периодот помеѓу 2015 и 2021 година, просечната стапка на циркуларноста за сите 27 земји на ЕУ забележала раст од само 0,4 процентни поени, при што седум држави – Литванија, Шведска, Данска, Луксембург, Финска и Полска дури и назадувале во истиот период. ЕУ издвоила повеќе од 10 милијарди евра во периодот од 2016 до 2020 година з авложување во зелени иновации и поддршка на претпријатијата да напредуваат во транзицијата кон циркуларната економија. Но, земјите членки потрошиле огромен дел од овие средства на управување со отпадот, а не на негова превенција низ циркуларен дизајн на производите, напоменува ECA.
Заштедата на материјали и сведувањето на отпадот на најмала можна мерка, се од суштинско значење за постигнување на целите на Европскиот зелен договор, рекла членката на ECA Annemie Turtelboom, додавајќи дека транзицијата кон циркуларната економија е „речиси во застој во европските земји“. Констатирајќи дека напредокот на земјите на ЕУ е запрен во последните години, ревизорите исто така го истакнале недоволниот фокус на дизајнот на производите, кој би помогнал тие да бидат побезбедни, а производните процеси поодржливи. ECA посебно го истакнува проблемот на планирана застареност (planned obsolescence) – праксата нa вештачко ограничување на животниот век или употребната вредност на производот, со цел тој да мора да биде заменет со нов.