Њујоршкиот музеј на современа уметност MoMA, минатиот месец отвори голема ретроспективна изложба посветена на исландската уметница Бјорк, на која се претставени сите „лица“ и сите трансформации на оваа прославена пејачка и композиторка во изминатите, повеќе од дваесет години на нејзината кариера.
Дел од изложбата е посветена на видео-инсталацијата „Black Lake“. Станува збор за десетминутно видео за песна од албумот „Vulnicura“, кој е снимен минатото лето на Исланд. Преку сцени од пештери, кањони, лава и полиња се рефлектира сликата на болка, пропаѓање и повторно раѓање.
Нејзините осум албуми „Debut“ (1993), „Post“ (1995), „Homogenic“ (1997), „Vespertine“ (2001), „Medulla“ (2004), „Volta“ (2007), „Biophilia“ (2011) и „Vulnicura“ (2015) се претставени хронолошки во посебно интерактивно аудио доживување. Секој албум е претставен преку внимателно дизајнирани и исклучителни визуелни сцени, кои ја изразуваат и отелотворуваат нејзината музика.
Во лобито на музејот се изложени инструментите користени во албумот „Biophilia“ (2011), како гемелесте, органата, гравитациска харфа и Теслиниот трансформатор, кои во различно време од денот ќе свират песни од албумот.
На вториот кат конструирани се две простории. Едната е посветена на новата песна и видео инсталација изведена со помош на МоМА за „Black Lake“, песна од новиот албум на Бјорк насловен „Vulnicura“ (2015). Втората просторија ќе биде кино каде ќе се прикажуваат музичките видеа од „Debut“ (1993) до „Biophilia“.
На третиот кат ќе биде претставено интерактивно аудио искуство низ албумите на Бјорк, со биографски наратив кој е истовремено и личен и поетски, напишан од прочуениот исландски писател Сјон, заедно со многу визуелни решенија, предмети и костими користени од Бјорк, вклучувајќи го дизајнот на роботите направени од Крис Канингам за видеото „All Is Full of Love”, фустанот лебед на Марјан Пејоски, фустанот за турнејата „Biophilia“ на Ирис ван Харпен и многу други.
Фустанот „лебед“ на македонскиот дизајнер Марјан Пејоски.
Изложбата во МоМА ќе трае до седми јуни годинава.