Насловна / Арт и дизајн / Ретроспективна изложба на Спасе Куновски

Ретроспективна изложба на Спасе Куновски

spase-kunovski-plakat-za-izlozba

Ретроспективно-монографската изложба на еден од доајените на македонската современа ликовна уметност Спасе Куновски (1929-1978), ќе биде отворена вечер во Даут-пашиниот амам во Скопје.

Автори на изложбата се кустосите Ана Франговска и Маја Неделкоска-Брзанова. На изложбата ќе може да се видат 75 дела од уметникот.

Освен изложбата, изработен е и монографски труд за Куновски, кој содржи преглед на творештвото на уметникот, контакти, монографска студија за неговиот живот и творештво од Франговска, а има интегрални текстови и извадоци од историчари на уметност, есеисти, филозофи, кустоси кои пишувале за Куновски… 

Во неа меѓу другото се вели: …Македонската модерна уметност може да се гордее со името и делото на Спасе Куновски кое се повеќе, потврдено, го држи своето место под сводот на македонската култура и историја на уметноста. Тој е еден од ретките фигуративци со надреалистички интерес кој ќе го истражува овој стил целиот живот, без големи скокови и трчање по трендовите што доаѓале преку тогашна Југославија од светот. Во овој стил тој успеал да ја најде својата база за изнедрување на сите потсвесни идеи, сеќавања, спомени, стравови, сфаќања за светот некогаш и сега, секако нудејќи и специфична опомена за светот утре…

spase-kunovski-delo

Академскиот сликар Спасе Куновски е роден на 24.09.1929 година во Дебар. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1953 година. Студиски престои имал во Франција, Италија, Велика Британија, Шведска, Грција и др.

Член бил на ДЛУЈ, ДЛУМ и на ДЛУПУМ, како и на ликовната група „Мугри“. Се занимавал со сликарство, опрема и илустрации на книги и со педагошка дејност. Работел како професор во средното училиште „Зеф Љуш Марку“, а потоа и на Педагошкиот факултет во Скопје.

Неговите дела се наоѓаат во повеќе музеи, галерии и кај приватни лица во Скопје, Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Ниш, Битола, Струмица, Штип, Куманово, Рим, Милано, Венеција, Фиренца, Њу Кастел, Торонто, Варшава, Сао Паоло и др. Неговите дела биле презентирани на 10 самостојни изложби, а учествувал на многубројни групни изложби во државата и во странство, претставувајќи ја не само Македонија, туку и поранешна Југославија на многубројни значајни светски манифестации.

Изложбата ќе биде отворена до 18 декември годинава. 

 

Испрати коментар

Scroll To Top