Во Скопје ќе биде поставена изложба по повод 100 години од раѓањето на архитект Славко Брезоски.
Изложбата ќе се отвори на 26 мај (четврток) 2022 година во 20:00 часот во просториите на Културно информативниот центар – Скопје (КИЦ), а публиката ќе може да ја посети до 16 јуни 2022.
Славко Брезоски е припадник на првата повоена генерација македонски архитекти. Присуството на оваа генерација ќе биде одбележано под знакот на „модерната“ и нејзиниот реформаторски јазик што ќе се прифати и одржи во децениите што ќе следат. Творечкиот опус на архитектот Славко Брезоски е мошне богат и разновиден. Тој дејствува во речиси сите домени на урбанистичкото и архитектонското проектирање, едукацијата, истражувањето и пубицистиката.
Неговиот архитектонски опус го сочинуваат многубројни проекти и реализации со широк програмски дијапазон и претпознатлив архитектонски израз. Успешно учествува на многубројни јавни домашни и меѓународни конкурси на кои освојува врвни награди. Притоа важно е да се истакне дека повеќето од конкурсните проекти биле прифатени за реализирање, со што Брезоски постигнува меѓународна афирмација.