Во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, на 4 декември 2014 година (четврток), во 20 часот, ќе се отвори ретроспективна изложба на Вељо Ташовски.
Според организаторите, ретроспективната изложба на Вељо Ташовски претставува пресек на целокупното творештво на авторот, опфаќајќи ги сите периоди во неговото творештво. Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника. Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. Притоа, авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид, отворајќи пат кон индивидуалната ликовност. Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството – двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична „ликовна претстава на двата плана“. Користејќи ја иконографијата на мрежата, тој ја дефинира „просторноста“ на сликата. Таа, мрежата, го ограничува просторот, но во ист момент овозможува и поглед низ, поглед и од оваа и од онаа страна, слободна циркулација, како метафора на бескрајната комуникација на просторите.
Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија… , свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство – сите тие настојуваат да ги опросторат „сликаните“ претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.
Оваа ретроспективна изложба претставува заокружување и своевиден пресек на творештвото на овој рано починат автор, кој има свое значајно место и улога во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.
Вељо Ташовски е роден 1949 година во село Осој (Дебарско). Во 1975 година завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал во 1979 година. Од 1976 до 1985 година бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а земал учество и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД, итн. Добитник е и на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.