Во Centre Pompidou, музејот на модерна уметност во Париз, на 12 февруари се отвора изложба на еден од најголемите фотографи на дваесеттиот век – Анри Картие-Бресон. „Нема да видите само еден Картие-Бресон, туку нив повеќе, четири или пет“, изјави главниот кустос на изложбата, Clement Cheroux. Изложбата се подготвува веќе шест години, а ќе бидат прикажани повеќе од 500 фотографии, скици, слики, филмови, книги и документи поврзани со животот и делото на прочуениот фотограф.
„Да снимаш фотографии значи во дел од секундата да ги препознаеш: мотивот што го фотографираш и строгата организација на визуелните форми кои на мотивот му даваат значење. Тоа значи главата, окото и срцето на фотографот да се доведат во една оска“, е мотото на Анри Картие-Бресон.
Анри Картие-Бресон (1908-2004) е еден од најоригиналните, највлијателните и најпочитуваните фотографи (фоторепортери) во историјата на фотографијата. Неговата способност да ги „зароби“ вистинските моменти од животот кој тече, направи неговата работа да биде синоним за т.н. „решавачки момент” во фотографијата. По Втората светска војна, заедно со Роберт Капа и други фотографи истомисленици ја основа Фото агенцијата „Магнум“. Целиот свој живот снимал репортажи по целиот свет со минимум фотографска опрема – Leica M и со еден објектив од 50мм.
Живееше повлечено, а погребан е во Прованса во присуство на семејството. „Беше најдобар. Она што тој умееше да го забележи беше исклучително. Беше исклучителен и скромен човек”, изјави основачот на фотографската агенција „Сипа Прес“, Гоксин Сипахиоглу.
За време на работењето, исполнето со многу патувања, познатиот фотограф, кого некои обожувачи го нарекоа „око на векот“, со својот апарат забележа некои од историски најзначајните личности и моменти од минатиот век.
Изложбата во Centre Pompidou ќе биде отворена до 9 јуни оваа година.