Рене Магрит (1898-1967) е еден од најважните сликари на 20 век и една од најважните фигури на надреалистичкото движење. Ретка слика од познатата серија „Царство на светлината“ („L’empire des lumières“) на Рене Магрит се проценува дека ќе се продаде за повеќе од 95 милиони долари во Њујорк оваа есен. Станува збор за сума која би поставила нов рекорд на аукција за надреалистички уметник и би била значаен успех за аукциската куќа.
L’Empire des Lumières од 1954 година е една од 27-те слики на кои Магрит ја истражувал светлината сликајќи небо осветлено од сонце над затемнета улична сцена. Во 2022 година, уште едно дело од серијата речиси тројно го зголеми претходниот рекорд на белгискиот уметник кога беше продадено за 59,4 милиони фунти (тогаш 79,7 милиони долари) на аукција на Sotheby’s во Лондон.
Сегашната слика потекнува од имотот на покојната Мика Ертегун, легендарната икона на дизајнот на ентериери и њујоршка трендсетерка, која била во брак со Ахмет Ертегун, ко-основачот на Атлантик рекордс и колекционер на уметнички дела. Други дела кои ќе бидат вклучени во продажбата на нејзината колекција вклучуваат познати имиња како Хуан Миро, Дејвид Хокни, па дури и полароид фотографија од самата Ертегун, која ја направил Енди Ворхол.
„Но, од сите дела со кои живееше, ‘L’empire des lumières’ на Магрит најмногу ја отсликува нејзината естетска филозофија во нејзината рамнотежа и воздржаност“, рече Макс Картер, потпретседателот на Christie’s за уметност на 20 и 21 век. „Иконата на надреализмот е најдобро, најумешно прикажана и неверојатно убава во серијата. Совршено е“.
Специјална вечерна продажба на колекцијата на Ертегун ќе се одржи на 19. ноември во Њујорк, со накнадни дневни аукции и две онлајн продажби.
Значителен дел од приходите ќе бидат наменети за филантропски иницијативи, изјави портпаролот на аукциската куќа. За време на нејзиниот живот, Ертегун поддржувала цели како што се Graduate Scholarship Programme in the Humanities at Oxford University, Jazz at Lincoln Center и World Monuments Fund.
Christie’s објави во јули дека нивниот вкупен приход од продажба на аукции во живо и онлајн во текот на првата половина на 2024 година достигнал 2,1 милијарди долари ширум светот, што е пад од 22 отсто на годишно ниво и приближно 600 милиони долари помалку отколку во првите шест месеци во 2023 година. Сепак, други показателите, како што се стапките на продажба, останале непроменети.