Во рамките на проектот за зачувување на фасадите на објекти од старата градска архитектура, со поддршка од Министерството за култура годинава во старото градско јадро на Велес ќе бидат реализирани санационо-рествраторски активности на фасадите на пет објекти на улица „Јован Алабаков“, кои се дел од автентичната споменична целина со традиционални белези на велешката архитектура на XIX век.
Проектот за заштита на фасадите на петте куќи е изработен од страна на стручните екипи од Националниот конзерваторски центар – Скопје, институција надлежна за заштитата на културното наследство, и ќе биде реализиран до крајот на годинава.
Конзервацијата и реставрацијата на објектите во Велес е дел од проектот на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за санација на фасадите од амбиенталната стророградска архитектура, кој, во согласност со усвоената динамика, се реализира четврта година по ред.