Општина Илинден реши 63 проценти од пристигнатите барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Од почетокот на процесот за легализација на дивоградбите од поднесените 6.150 барања, решени се 3.835 предмети, со што е една од водечките општини во Република Македонија во реализирањето на оваа постапка, соопштуваат од општината.
Граѓаните на Општина Илинден масовно ги искористија поволностите што ги понуди Законот за постапување со бесправно изградени објекти, при што за само едно евро за метар квадратен можат да ги легализираат своите дивоградби.
Со легализацијата дивоизградените објекти ќе можат да бидат предмет на оставинска постапка, ќе можат да се отуѓуваат, да се пренесуваат правата на користење, да бидат предмет на било каков промет-продажба и слично, ќе можат да бидат предмет на залог во банка за некакво побарување, а ќе се овозможи и доградба или, надградба на објектите.