Насловна / Вести / Решавање на проблемот со дивите и нестандардни депонии во Македонија

Решавање на проблемот со дивите и нестандардни депонии во Македонија

Во Република Македонија, управувањето со отпадот е дефинирано според законската регулатива, но сепак има појави да немаме целосно, ефикасно и еколошко управување како на пример кај дивите депонии и дел од општинските комунални депонии, кои се затекнати од минатото и не ги задоволуваат критeриумите и стандардите на ЕУ Директивaтa за депонирање на отпад. Несоодветното депонирање на отпадот и големиот број нестандардни депонии, ја загадуваат животната средина и влијаат негативно врз здравјето на луѓето преку:

–          Загадување на подземните води преку инфилтрирање на „исцедок“ од отпадот;

–          Загадување на околното земјиште преку инфилтрација на дождовницата;

–          Загадување на површинските води во близина, преку директно испуштање на вода или контакт/размена со контаминираните подземни води;

–          Загадување на воздухот од неконтролирано горење на отпадот, како и емисија на непријатна миризба;

–          Предизвикување на ефект на стаклена градина, како резултат на депониски гас со висока концентрација на метан.

Во Македонија се евидентирани 54 комунални депонии и стотици нелегални или „диви“ депонии, од кои 16 се со висок ризик по животната средина, 16 со среден и 19 со низок ризик.

Според начинот на отстранување на отпадот и операциите за отстранување, општинските депонии не ги исполнуваат минималните технички услови според кои би се класифицирале како контролирани[1] или пак санитарни депонии[2] според Законот за управување со отпад и подзаконските акти, како и ЕУ Директивата 1999/31/EC за депонирање на отпад.

Националниот план за управување со отпад предвидува затворање на сите постоечки депонии и нивна замена со Регионални депонии кои ќе бидат изградени и со кои ќе се оперира според стандардите наведени во Директивата за отпад, односно ќе биде заснован на хиерархијата во управувањето со отпадот. Притоа, отпадот ќе се селектира, рециклира, преработува и од него ќе се произведува енергија.

Затворањето, санирањето и рехабилитација на нестандардните депонии е од големо значање бидејќи претставува огромен чекор кон намалување на влијанијата врз животната средина од неправилното постапување со отпадот преку:

–          намалување на влијанијата врз воздухот и водите предизвикано од непрописните депонии и други начини на неправилно отстранување на отпадот;

–          намалување на емисиите на стакленички гасови од депониите;

–          намалување на потенцијалот за здравствeн ризик од инфективниот медицински отпад и животинските нус-производи;

–          намалување или ублажување на влијанието врз животната средина што го предизвикуваат нестандардните депонии за комунален цврст отпад и оптоварувања на животната средина со индустриски и рударски отпад;

–          можност за пренамена на просторот и користење како место за рекреација (изградба на паркови или спортски објекти), доколку анализите покажат дека почвата и околното земјиште не е загадено со опасни материи.

  1

Слика 1 – Локација на нестандардни депонии оценети според ризик по животната средина (Извор: Градење на капацитетите за имплементација на ЕУ Директива за депонии -затворање на нестандардните депонии и инспекции, 2011, МЖСПП)

Затворањето на нестандардните депонии опфаќа покривање и заптивање (еден вид пломбирање) на депонијата, преку нанесување на водонепропустлив заштитен слој од глина-бентонит и геотекстил (по потреба геокомпозит, геомембрана), воспоставување на мерки за управување со исцедокот и депонискиот гас и примена на современи технологии за да се обезбеди стабилност на косините, со користење на гео-мрежи.

За видот на техниката на затворање на депониите, предложени се три типови на модели за чистење и затворање на депониите:

  1. Модел „А“ (надвор од локацијата): овој модел на затворање се предложува за малите илегални депонии или диви депонии каде отпадот ќе се отстрани и транспортира до постојна комунална депонија во близина со поголем капацитет. Малите илегални депонии ќе се рехабилитираат и рекултивираат со засадување на тревна вегетација на површината од каде е отстранет отпадот.
  2. Модел „Б“ (безбедно отстранување на самото место, без систем за одведување на биогасот): овој модел на затворање се предложува за депонии кои имаат депонирано до 3000 m3 отпад и се релативно плитки, со мал до среден ризик по животната средина. Опфаќа покривање на отпадот со слој од инертен материјал, како што е долниот слој на почва и финален горен слој на почва или хумус.
  3. Модел „В“ (безбедно отстранување на самото место, со систем за одведување на биогасот): овој модел на затворање се предложува за депонии кои имаат депонирано до 500000 m3 отпад, со висок ризик по животната средина.

Главната разликата помеѓу моделите „Б“ и „В“ е количината на депониран отпад, и во моделот „В“ се предвидува инсталирање на систем за одведување на биогасот со пасивно одведување на гасот.

За начинот на затворање на постоечките нестандардни депонии во Македонија предложени се две сценарија:

  1. 1.     Сценарио 1: Затворање во еден чекор (во една фаза)

Со ова сценарио депониите ќе се затвораат во еден чекор, односно ќе се санираат без можност за понатамошно депонирање. Додека не се отворат регионалните центри за управување за отпад, собраниот отпад од Сценарио 1 депониите ќе биде транспортиран до Сценарио 2 депонија во непосредна близина.

  1. 2.     Сценарио 2: Преодни депонии (во две фази)

Со ова сценарио депониите ќе се затвораат во два чекори или фази. Со цел непречено одвивање на процесот на депонирање на отпад во преодниот период помеѓу двете фази, дел од телото на депонијата ќе биде затворен, а другиот дел ќе остане отворен за прием на отпад и од други општини чии депонии ќе бидат веќе затворени со концептот од Сценарио 1. Сценарио 2 депониите финално и комплетно ќе се затворат кога регионалните центри ќе станат оперативни.

slika-2-shematski-prikaz-na-otvorena-deponija

 Слика 2 – Шематски приказ на затворена депонија

slika-3-postavuvanje-na-geomembrana Слика 3 – Поставување на геомембрана во слојот за заптивање на депонија

Со затворањето и санацијата на постоечките општински депонии за комунален отпад и малите диви депонии, ќе се надмине моменталната состојба на животната средина во насока на намалување на негативните влијанија од неправилното управување со отпад врз воздухот, водата, почвата, природата, како и врз здравјето на луѓето. Ова е првиот чекор кон успешно создавање на современи и интегрирани регионални системи за управување со отпад во Македонија.

Изработиле:

Александра Каракашова Сачкарска, дипл. инж. за животна средина

м-р Емилија Божиновска, дипл. еколог

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)


[1] Контролирана депонија е локација која исполнува минимални технички услови и се врши одреден третман на самата депонија. Контролираната депонија е оградена, што значи дека пристапот на лица и животни е ограничен, со што се намалува можноста од заболувања. Исто така, по депонирањето на отпадот се врши препокривање, со што се намалува ризикот од прашина, испирање на отпадот, пренос на болести преку животни, инсекти итн. Како пример за контролирана депонија е „Дрисла“ во Скопје, која исполнува минимални технички услови (оградена, се врши прием и мерење на отпадот, отпадот се препокрива итн.).

[2] Санитарна депонија е локација за финално складирање на отпадот која исполнува максимално технички услови со највисоките норми за заштита на животната средина и природата и заштита на човековото здравје, во чиј склоп се одвиваат и пропратни активности како што се селекција на отпадот, рециклирање, третман на отпадните води, решавање на депонискиот гас итн., за време на работата и по затворањето. Во Р. Македонија не е идентификувана таква локација.

Испрати коментар

Scroll To Top