Насловна / Вести / Ренесанса за железничкиот сообраќај во ЕУ

Ренесанса за железничкиот сообраќај во ЕУ

Додека владите на ЕУ дебатираат за буџетот, комесарката за сообраќај очекува вложувања во железницата како еколошки најчисто средство на транспорт. Ноќните возови го прославуваат своето враќање во неколку европски земји. По пауза од 16 години, во средината на јануари, првиот ноќен воз кој ги поврза Виена и Брисел започна со редовно сообраќање. Австриската национална железница OBB, која е сопственик на оваа траса, планира до крајот на годината да воведе и ноќна линија помеѓу Виена и Амстердам. Оваа компанија која е во државна сопственост, не е единствената која гледа добри деловни шанси во промена на навиките на Европјаните и растечката свест за заштита на животната средина. Во 2017 година, емисиите на јаглерод диоксид кои потекнуваат од секторот сообраќај во земјите од ЕУ изнесуваа 28% од вкупното загадување и биле над нивоата од 1990 година. Европскиот „Зелен договор“ – за кој во моментот се расправа во Европската комисија, има за цел да го промени тој тренд. Во рамките на европскиот сообраќаен сектор, патниот сообраќај највеќе придонесува за емисијата на CO2 (73%). Следуваат воздушниот сообраќај (13%)  и поморскиот сообраќај (11%). Железницата, со оглед на високиот степен на електрификација, учествува со 1,6% во вкупните емисии од сообраќајот, и е најмал загадувач. Комесарката за сообраќај ги нагласува значајните разлики помеѓу државите членки во однос на железничките мрежи, додавајќи дека европските фондови треба да се стремат кон развој на железничките мрежи во помалку развиените региони. Четвртиот пакет на ЕУ кој се однесува на железниците е веќе имплементиран, а предвидените мерки се насочени кон либерализација на пазарот и зголемување на конкуренцијата во доменот на железничките услуги. Способноста на железницата да конкурира на авиосообраќајот, ќе зависи од вложувањата на одредени земји членки. Додека земјите како на пример Италија ги намалуваат вложувањата во железницата, други, како на пример Германија вложуваат навистина интензивно. Минатиот месец, владата во Берлин одобри план во износ од 86 милијарди евра инвестиции во железницата во наредните 10 години.

railwaypackage1

railwaypackage2

railwaypackage3

railwaypackage4

 

Испрати коментар

Scroll To Top