Насловна / Архитектура / Ренцо Пиано: Творец на симболи на модерната и постмодерната архитектура

Ренцо Пиано: Творец на симболи на модерната и постмодерната архитектура

Италијанскиот архитект Ренцо Пиано е човек кој создава објекти кои стануваат симболи на архитектурата на нашето време. Тој е еден од најпознатите и најзначајните автори на современи архитектонски дела, изградени низ цел свет. Врвен архитект на модерната и постмодерната високо технолошки развиена (хај-тек) архитектура.

image ПРОЦЕС НА ИЗУЧУВАЊЕ НА СЛОЖЕНОСТА НА АРХИТЕКТУРАТА

Роден е во Џенова (14.9.1937) во фамилија на градители. Дипломирал на Миланскиот политехнички универзитет. Првиот период по неговото дипломирање го посветил на истражување на нови градежни материјали и технологии. Користењето на овие сознанија и искуства му овозможило да создава модерни, стабилни, удобни и еколошки објекти. Користи иновативни конструктивни техники, високи технологии за анимирање на светлината, почитување на околината и интеграција на објектите со природата. Развива структури, кои  користат нови нетрадиционални градежни материјали, како и нивна изработка и монтажа.

Друга важна област на неговите истражувања е концептот „отворен план“ на просторот. Простор кој може да се модулира, без преградни ѕидови, да одговара на разни намени и потреби. Овие истражувања дадоа исклучително широки можности за примена, како во станбените, деловните објекти, изложбените простори… (Културниот центар Жорж Помпиду во Париз беше целосно проектиран како „отворен план“).

Процесот на изучување на сложеноста на архитектурата го продолжил преку патувања, разгледување и осознавање на важноста на врската помеѓу структурата и функцијата. На едно студиско патување во Англија и САД, го запознал славниот архитект Луис Кан (Louis Kahn). Од 1965 до 1970 работел како приправник во неговото архитектонско биро. Во овој период се запознал и спријателил со британскиот архитект Ричард Роџерс (Richard Rogers), со кого формирале заедничка фирма „Пиано и Роџерс“. Со неа учествувале и победиле на конкурсот за изградба на Културниот центар Жорж Помпиду (1971-1977). Нивната соработка резултираше со проект кој ги смени архитектонските конвенционални погледи во тоа време. Париз доби објект кој и покрај „шокот“ во прв момент, стана архитектонска икона на градот. А неговите автори, релативно млади и непознати во тоа време, си обезбедија успех во старт. Нивните идни кариери се вивнаа кон висината и светлината на архитектонските ѕвезди. (за Културниот центар Жорж Помпиду, кој оваа година прославува 40 годишнина од неговото постоење, подетално пишувавме во претходниот 260-ти број на Порта 3).

Од 1977 до 1981 година со инженерот Питар Рајс, работи во „Ателје Пиано и Рајс“.

УСПЕХ ВО СТАРТ

Ренцо Пиано создаде извонредна интернационална кариера и пракса. Тој е основач, заедно со уште 11 други партнери, на студиото Renzo Piano Building Workshop (RPBW), со канцеларии во Џенова, Париз и Њујорк, со 150 вработени. Од своето основање во 1981 година, RPBW има завршено над 120 проекти низ Европа, Северна Америка, Австралија и Источна Азија.

„Добрата работа доаѓа од тимовите каде никој не го објаснува потеклото на идејата“ вели Ренцо Пиано.

Работата во RPBW е тимска на секој проект. Заедничката работа носи повеќе идеи, културна и генерациска разновидност, повеќе искуство, знаење и креативност,  повеќе очи за точно да се реализира секој детаљ од проектот.

Се верува дека подобрите згради создаваат подобар свет. Успешна зграда е онаа која го подобрува секојдневниот живот на луѓето, кои живеат и работат, во и околу неа.

 ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ПРАКСА

Поради ограниченоста на просторот, ќе се осврнам само на неколку од неговите извонредни проекти, кои се вбројуваат во врвот на светската модерна архитектура.

The Shard

Облакодер „THE SHARD“ во Лондон, Англија

Изграден 2000-2012 година, со висина 309 м се смета за втор највисок објект во Западна Европа. Има 72 ката и пирамидална форма со повеќе намени, (станбени, деловни, малопродажни простори) што создаваат зграда која се користи 24 часа на ден.  Најголемите основи на долните катови се наменети за деловен простор. Рестораните, јавните површини и хотелот се лоцирани во средината, а на горните нивоа на зградата се сместени приватни станови. Обложен е со 11000 стаклени панели (еквивалентно на осум фудбалски терени). Објектот стана еден од главните симболи на Велика Британија и нејзината престолнина.Pathe-Foundation-Building-in-Paris-by-Renzo-Piano-Yellowtrace-19

Филмско студио „PATHE“ во Париз, Франција

Неверојатниот објект на фондот на филмската индустрија Pathe, изграден е во период од 2006 до 2014 година. Според авторот објектот ги содржи во себе историското минато и футуристичката иднина на Париз. Од предната фасада тој  не се разликува од соседните објекти од 19 век. Но од задната фасада тој претставува монолитна конструкција, која потсетува на задниот дел на џиновски оклопен брод. Од соседните улички не може ни да се претпостави дека зад него се крие „organic creature“ (термин на Ренцо Пиано), се гледа само стаклена купола.3a. Museum Astrup Fearnley, Oslo, Norveska

Музеј на современа уметност „ASTRUP FEARNLY“ во Осло, Норвешка

Изграден од 2006 до 2012, се состои од три одделни објекти, поврзани со  стаклена натстрешница. Еден од објектите е наменет за деловен простор и сликарски изложби, а другите два објекта се наменети за културен центар. Во комплексот има мал парк каде може да се ужива во убава шума и морски бранови. Главен архитектонски елемент на комплексот претставува покривот, со закривена површина, кој ги опфаќа сите три објекти, потенцирајќи ја нивната поврзаност и континуитет. Музејот вклучува 10 изложбени сали, од кои секоја се разликува по формата, висината на плафонот и по употребата на различните завршни материјали.

4a. California Academy of Sciences, San Francisko, SAD

CALIFORNIA ACADEMY OF SCIENCES, Сан Франциско, САД

Главен елемент на овој проект е неговиот уникатен „зелен“ кров. Целиот комплекс од 37 000 м², е како дел од паркот, кој е отсечен и кренат 10 м над земјата. Овој „жив покрив“ е покриен со 1 700 000 избрани автохтони растенија, засадени во посебно замислени биоразградливи контејнери со кокосови влакна.  Покривот е рамен по својот периметар и како природен пејзаж постепено почнува да формира серија куполи со различна големина кои се подигаат, автоматски се отвораат и затвораат и кои се модел на прозорци за вентилација. Со фотоволтаични келии, поставени по периметарот на кровот, се обезбедува повеќе од 5 % од електричната енергија.

Преку овој проект, изграден во период од 2000 до 2008 година, Академијата на науки користејќи ја архитектурата ја пренесе својата порака за страста кон познавање на природата и фактот дека земјата е кревка.

Зградата има  LEED Платиниум сертификат.

New York Times Building

 NEW YORK TIMES BUILDING, Њујорк, САД

Објектот со висина од 228 м (со антена 319 м) и  52 ката, добиен преку конкурс во 2000 година, а завршен во 2007 година, го зазема третото место во списокот на високи објекти во Њујорк и 7 во цела Америка. Искористени се многу енергоштедливи материјали. Надворешните ѕидови се покриени со специјални стакла кои пропуштаат поголемо количество на сончеви зраци. Овој раскошен деловен објект на најпознатиот печатен весник во светот, станува нов симбол на градот.6. Zentrum Paul Klee, Bern, Svajcarija

Музеј „PAUL KLEE“ во Берн, Швајцарија

Музејот на германско – швајцарскиот уметник Paul Klee изграден е во период од 1999 до 2005 година. Во неговата колекција влегуваат 2600 дела. Тоа е една од најобемните  монографски збирки во светот. Поради чувствителноста на неговите слики на светлина, основниот дел на културниот центар е сместен под земја. Музејот е поставен на ридски предел и се вклопува во природниот пејзаж на околината на Берн. Тишината тука не е само акустична, таа е визуелна и фундаментална цел на оваа структура.7. Parco della Musica, Rim, Italija

 PARCO DELLA MUSICA, Рим, Италија

Музички комплекс со втор назив AUDITORIUM, изграден во период од 1994 до 2002 година. Центар на класична музика. Аудиториумот обезбедува три сали со различни големини и акустичен квалитет, меѓу кои и концертна сала, резервирана за симфониски концерти, со 2800 луѓе. Полукружниот распоред на салите, создава отворен амфитеатар, како четврти простор во центарот. Тука често се одржуваат светски настани, самити, концерти на познати групи. Вкупно во трите сали има место за 4 750 гледачи. Вегетацијата што ги опкружува зградите е продолжување на паркот Вила Глори.KONICA MINOLTA DIGITAL CAMERA

JEAN – MARIE TJIBAOU CULTURAL CENTER, Noumea, Нова Каледонија

Културен центар подигнат во период од 1991 до 1998 година, базиран на локалните градежни традиции, со преплетување на древното и модерното. Користени се современи градежни материјали како што се стакло, алуминиум, челик и модерна технологија на светлина, заедно со традиционалното дрво и камен.  Центарот е составен од група на „колиби“, поставени на полуостров, опкружени со вода од три страни. Постојат десет „колиби“, со различни големини и висини (од 20 до 28 метри), меѓусебно поврзани со пешачки патеки и бујна вегетација. „Колибите“ служат за различни функции. Во првата група „колиби“ се сместени  изложбени простории, втората опфаќа истражувачки области, конференциска сала и библиотека и третата содржи студија за музика, танц, сликарство и скулптура.9b. Nemo (National Center for Sciece and tehnology), Amsterdam, Holandija

Национален центар за наука и технологија „NEMO“ во Амстердам, Холандија

Изграден во период од 1992 до 1997 година, овој зелен објект претставува брод висок 30 метри чија половина е потопена. Внатре во музејот, во стил на Пиано се гледа конструкцијата, инсталациите и други технички детали. Посебен интерес предизвикува терасата на кровот на објектот и прекрасните погледи кон Амстердам.

10. Kansai International Airport Terminal, Osaka, Japonija

KANSAI INTERNATIONAL AIRPORT TERMINAL, Осака, Јапонија

Изграден е од 1989 до 1994 година. Аеродромот Кансаи се наоѓа на специјално изграден остров во заливот Осака. Терминалот е долг 1.7 км, има 42 излезни порти и може да опслужи 100 000 патници на ден. Со лесна и долга структура дизајниран е специјално да може да издржи и најсилни земјотреси, кои се чести во овој регион на Јапонија.

Тимот на RPBW со Ренцо Пиано, интензивно работи на многу други проекти низ цел свет. Ова се некои од проектите, неодамна завршени или во фаза на  нивно финализирање:

WITNEY MUSEUM во Њујорк завршен 2015 година, (за кој Порта 3 пишуваше во број 249); Културен центар  STAVROS NIARCHOS FONDATION во Атина, Грција (2016);  CENTRO BOTIN во Satander, Шпанија (2017);  GES 2, Москва, Русија. Проект со кој до 2019 година треба да се реализира реконструкција и адаптација во културен центар, на просторот на старата, главна,  електроцентрала на градските железници на Москва, изградена на почетокот на 20 век. Со примената на различни иновативни технолошки решенија, зградата треба да биде модел на локална енергетска ефикасност.

МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ…

Во 1998 година Пиано ја освои престижната Притцкерова награда за архитектура. Жирито го споредуваше со Микеланџело и да Винчи. Беше кажано дека ја „редефинирал модерната и постмодерната архитектура“.

Извонредната работа на Ренцо Пиано беше признаена преку доделување на најпрестижните награди на полето на архитектурата. Тој е добитник на  многу награди, меѓу кои се следните: Кралски златен медал на РИБА во Лондон (1989), награда на Кјото во Кјото, Јапонија (1990), Preamium Imperiale, Токио, Јапонија (1995),  Златен лав во Венеција (2000), Златен медал АИА во Вашингтон (2008)  како и многу други.

Во 2004 година беше основана Фондација Ренцо Пиано, непрофитна организација посветена на промоција на архитектонската професија, преку едукативни програми и образовни активности.

ТИМЕ во 2006 година, го избра Пиано како еден од 100 највлијателни луѓе во светот. А во категоријата на „уметност и забава“ влезе меѓу 10 највлијателни личности.

Во 2013 година беше избран во Националната академија за дизајн во Њујорк.

Тој е амбасадор на добра волја на УНЕСКО.

 

Еден коментар

  1. Даниела

    Одлично! Браво Љупка, извонреден портрет!

Испрати коментар

Scroll To Top