Во женскиот затвор Rebibbia во Рим, студиото G124 на познатиот италијански архитект Ренцо Пиано проектирало објект кој им дава можност на жените да се сретнат со своите најблиски во мирна атмосфера и пријатен простор. Формата на објектот е како од детска имагинација, целата куќа како и влезот во неа е како наједноставната форма на куќа што ја цртаат децата, пишува Domusweb.
Оваа мала куќа, со површина од 28 метри квадратни, изградена е од затворенички во соработка со тројца млади архитекти Мартина Пасери, Атила Мацето и Томас Мареначи, под надзор и координација на професорот Писано Посоко.
Во огромниот комплекс на женскиот затвор Rebibbia, во кој има 320 затворенички, малата црвена куќа секако не ги задоволува потребите на сите што престојуваат таму, но архитектите се надеваат дека може да претставува важна и симболична почетна точка за развојот на слични проекти.
Во својата долга и содржајна кариера, Пиано никогаш немал можност да проектира затворска установа, но истакнува дека оваа тема отсекогаш го привлекувала, исто како и здравствените установи, универзитетите и училиштата.