Француското биро Moreau Kusunoki Architectes и мексиканското Frida Escobedo Studio го претставија победничкото решение на конкурсот за темелно реновирање на Центарот Жорж Помпиду, високотехнолошки комплекс во Париз.
Според авторите на проектот, реновирањето има за цел да го подобри движењето и пристапноста внатре во објектот, проект на британскиот архитект Ричард Роџерс и италијанскиот архитект Ренцо Пиано, отворен во 1977 година.
Реновирањето е предвидено да заврши до 2030 година, откако музејот ќе биде затворен пет години за да се реализира проектот според планираното.
Нов дизајн во духот на оригиналната зграда
Реновирањето ќе опфати подобрување на пристапноста на зградата, додавање нови корисни површини, третирање на кородираните делови на објектот, замена на сите фасади и отстранување на азбестот.
Како што е наведено, секаде каде што е можно, оригиналната зграда ќе биде зачувана и реставрирана на таков начин што ќе продолжи да живее во иднина таква, каква што била предходно.
Архитектите планираат областите кои ќе бидат модифицирани да ги обликуваат во духот на оригиналната зграда, а своите предлози претходно ќе ги споделат со Работилницата на Ренцо Пиано.
„Од своето основање, Центарот Помпиду тежнеел да биде експериментален простор, константно измислувајќи начини да остане релевантен и да инспирира нови идеи“, објаснија за Dezeen директорите на Moreau Kusunoki, Nikolas Moro и Hiroko Kusunoki.
„Го видовме овој проект за реновирање како можност да ги подобриме сите овие аспекти и преку коректна, прилагодлива обнова, да создадеме музеј кој ја зајакнува отвореноста и континуитетот со градот“, додаваат француските архитекти.
Авторите истакнаа дека нивниот презентиран предлог произлегува од дијалогот со постоечката структура.
„Со умножување на физичката и визуелната порозност и враќање на јасноста на различните кориснички патеки, проектот поттикнува реактивирање и преквалификација на просторот“, велат од бирото.
Планирано е да се прошират скалите што го поврзуваат Форумот, централниот повеќенаменски простор на Центарот Помпиду, како и подрумот за да се создаде жив социјален простор.
Прросторите за прием на посетители ќе бидат сместени во близина на главниот влез, а одредени елементи кои го блокираат погледот низ стаклената фасада ќе бидат отстранети, со цел да се пушти повеќе природна светлина во внатрешноста.
Панорамски поглед од терасата на кровот
Просторот New Generation, кој се наоѓа на првиот кат, ќе обезбеди нова рекреативна зона, вклучувајќи и простори посветени на мали деца и детска библиотека.
Според планот, кровната тераса на седмиот кат ќе биде отворена за јавноста, со што на посетителите ќе им се понуди панорамски поглед на Париз.
Исто така, реновирањето ќе вклучува и промени на плоштадот пред влезот на објектот, како и додавање на рампи и зони кои ќе ја подобрат интеграцијата на објектот со околината.
Наспроти плоштадот ќе се реновира и приземната галерија Atelier Brancusi.
Важно е да се напомене дека претставениот проект е избран преку конкурс организиран од Центарот Помпиду, а член на конкурсното жири бил и Ренцо Пиано.
„Верувам дека победниците на овој конкурс целосно го разбрале духот на Центар Помпиду. Нивниот проект совршено се вклопува во архитектурата на зградата, оставајќи простор за идни реновирања и зачувување на нејзиниот интегритет“, вели Ренцо Пиано.