Италијанскиот архитект Ренцо Пиано проектирал овална станбена кула, Eighty Seven Park, обвиткана со тераси на плажа во Мајами, Флорида.
Објектот е сместен помеѓу Атлантскиот Океан, јавен парк од 14 хектари на југ и двор (0,8 хектари), градина на север само за станарите.
Кулата е формирана од овална конструкција на 18 ката издигната на бели столбови. Содржи 68 станбени единици со површина од 130 до 650 квадратни метри. Секој стан има тераса и прозорци од подот до таванот со експанзивен поглед на околните паркови и Атлантскиот океан.
„Јазикот што сакавме да го употребиме за Eighty Seven Park е јазик на леснотија, чувство на недостаток на гравитација“, изјавил Пиано, пишува Dezeen.
„Кога ќе погледнам како стаклото и палубите на зградата изгледаат како да лебдат и како го фаќаат сонцето и светлината на океанот, фантастично е“.
„Занаетчиството е еден од основните квалитети на архитектурата, и се вративме на традицијата за да ја оживееме оваа зграда “, додава архитектот, добитник на Прицкер.
„Квалитетот на архитектурата е во поезијата и убавината, но исто така и во деталите и совршенството“.
Париското студио Rena Dumas Architecture Interieure (RDAI) ги проектираше ентериерите за станбената зграда со повикување на прекрасниот пејзаж.
Декорот се движи од светли, бели простори до послабо осветлени места. Мебелот во сива и зелена боја е споен со златни акценти и бујни насади. Одбрани се подови од американски даб, кои одговараат на бојата на остарените лисја на морското грозје, додека белите песочни плажи на Мајами се огледуваат во венецијанското терацо.
„Искористувајќи ја архитектонската визија на Renzo Piano Building Workshop, сакавме сопствениците да бидат соединети со природата од првиот чекор во објект“, вели уметничкиот директор на RDAI, Денис Монтел и додава „палетата создадена за овој проект е инспирисана од околните природни елементи на Северната плажа.”
Холандската компанија West 8 го работела проектот за хортикултура околу Eighty Seven Park, вклучувајќи ја и градината за станарите.
„Ги користевме најдобрите атрибути на местото, неговата близина до паркот и океанот, прикладниот пристап до градот и единствената екологија на брегот – и складно ги споивме за да создадеме урбан дел, различен од било кој друг на Јужна Флорида“, вели креативниот директор на West 8, Даниел Васини.
Меѓу славните имиња кои веќе купиле стан во зградата е и светскиот тениски рекет број еден Новак Ѓоковиќ.
Renzo Piano Building Workshop (RPBW), која Пиано ја основал во 1981. година има канцеларии во Џенова и Париз.
Прв пат претставен во 2015. година, Eighty Seven Park ќе биде втор станбен објект на компанијата на западната хемисфера, по 565 Broome Soho, објект кој минатата година е завршен во Њујорк.
Неговите други американски проекти ги вклучуваат музејот на уметноста, Whitney Museum of Art во Њујорк и згради на новиот кампус за Columbia University во Харлем. Исто така, го развива проектот за музејот за филмови во Лос Анџелес Academy Museum of Motion Pictures.
Проектирана за компаниите Terra и Bizzi & Partners Development, Eighty Seven Park се придружува на останатите објекти во Мајами создадени од познати архитекти. Меѓу кои се музејот на Заха Хадид, One Thousand Museum, Park Grove на OMA, Jade Signature од Herzog & de Meuron и кулата на BIG во Coconut Grove. Некои објекти пак, изто така од стар архитекти се во изградба на Флорида, како што е објектот на Жан Нувел, започнат во 2017. година, додека Foster + Partners предложија високи кули близначки The Towers.