Компанијата Renault објави тизер за мистериозниот концепт кој ќе се појави во мај годинава. Всушност, станува збор за најава на „стратегијата за одржлив развој“, а неговиот мотор на водород ја следи стратегијата на Renault која се однесува на „декарбонизацијата“ и користењето на рециклирани материјали.
Renault објави само еден тизер на кој се гледа предниот дел на возилото, LED светлата со агресивен дизајн, како и дополнителни светлосни единици на браникот. Логотипот на компанијата е исто така осветлен. Се разбира, сето тоа е недоволно за да се утврди со сигурност типот на каросеријата, иако се чини дека станува збор за hatchback или SUV. Развојот на овој сеуште неименуван концепт е фокусиран околу три столба, а тоа се екологија (водороден погон, одржливи материјали), сигурност (технолошки иновации) и инклузивност (разноликост на развојниот тим и достапност). Концептот е дел од конечната цел на компанијата, а тоа е целосно електричен микс до 2030 година. Интересно е дека терминот „водороден мотор“ укажува на мотор со внатрешно согорување кој користи водород, но истовремено терминот „целосен електричен микс“ укажува на електрични мотори. Како и да е, во наредниот период се очекуваат нови тизери, па веројатно нештата ќе станат појасни.