Во текот на минатата година, на депониите ширум светот завршило рекордно количество електронски отпад. Најмногу отпад генерирале токму земјите што најмногу се фалат со својата развиена еколошка свест.
„Светот се дави во сопствениот отпад, поточно електронскиот отпад. Цената на технолошката револуција доаѓа и во форма за која многу малку се зборува, а тоа е сметот. А неговата лавина се заканува сите да не затрупа“, известува телевизијата „Ал Џезира Балканс“.
Само во текот на минатата година, на депониите завршиле речиси 42 милиони тони таканаречен е-отпад, што главно го сочинуваат фрижидери, машини за перење облека и други апарати за домаќинство со изминат рок на траење.
Станува збор за 1.150.000 големи камиони, што, кога би ги наредиле еден зад друг, ќе формираат колона од 23.000 километри.
Според истражувањето на Обединетите нации, само малку помалку од шестина од овој отпад се рециклира.
Во споредба со 2013 година, кога беа генерирани 39,8 милиони тони е-отпад, со ова темпо прагот од 50 милиони ќе може да се достигне до 2018 година.
На листата на најголеми глобални создавачи на е-смет е Норвешка со 28,4 килограми по глава на жител.
Следат Швајцарија, Исланд, Данска, Велика Британија, Холандија, Шведска, Франција, САД и Австрија.
Регион со најмалку електронски отпад по глава на жител е Африка, каде има само 1,7 килограм по жител. Таму целиот континент генерира помалку од два милиони тони отпад.
Во контекст на количеството, најмногу ваков вид отпад настанува во Кина и САД, вкупно 32 отсто од електронскиот отпад во целиот свет. Потоа следат Јапонија, Германија и Индија.