Стакленичките гасови во атмосферата достигнаа рекордно ниво во 2014 година, со непрекинато влошување на климатските промени кои ја прават планетата поопасна за идните генерации, објави Светската метеоролошка организација (WMO).
„Секоја година гледавме како времето истекува. Мораме веднаш да дејствуваме со цел ограничување на емисијата на стакленички гасови ако сакаме да имаме изгледи за одржување на порастот на температурите во прифатливи граници“, вели во соопштението главниот секретар на WMO, Michel Jarraud.
Според податоците на ОН, нивоата на јаглерод диоксид, главниот стакленички гас, константно растат кон нивоата од 400 честички на милион (ppm), остварувајќи секоја година нов рекорд од почетокот на веродостојни мерења во 1984 година.
Нивоата на јаглерод диоксид се задржувале на просечни 397,7 ppm во 2014 год., но накратко го преминале прагот од 400 ppm во северната хемисфера на почетокот на 2014, и повторно во 2015-та во целиот свет.
Наскоро вредноста од 400 ppm ќе биде трајна стварност, вели Jarraud. „Тоа значи глобално повисоки температури, поекстремни временски непогоди, топење на ледниците, пораст на нивото на морињата и зголемена киселост на океаните. Тоа сега се случува и ние влегуваме во едно неистражено подрачје со застрашувачка брзина“.
Научниците за климата проценуваат дека концентрацијата на јаглеродниот диоксид, метанот и азотните оксиди е највисока во последните 800.000 години.