На аукцијата на „Кристи“ во Лондон, по рекордна цена од тринаесет и пол милиони евра, продадени се дела на Рембрант кои досега не биле видени во јавноста. Проценети се на најмалку шест милиони евра, па потомците на семејството кое ги поседувало решиле да ги понудат на продажба.
Две слики од ренесансниот сликар Рембрант ван Ријн се портрети на блиски семејни пријатели на холандскиот сликар. Делата биле непознати за јавноста и повеќе од 200 години биле во сопственост на неколку генерации на едно холандско семејство во Амстердам.
Кустосот на аукциската куќа „Кристи“ при една посета на тоа богато семејство проценил дека за сликите на Рембрант можат да добијат повеќе од шест милиони евра, па наследниците решиле да ги продадат.
„Станува збор за слики создадени во 1635 година, и иако се мал формат, тие ја отсликуваат извонредната интимност и карактер на личностите кои се насликани. Станува збор за портрети на брачен пар кој бил многу близок со семејството на Рембрант. Г-дин Јан Вилемс ван дер Плајм и неговата сопруга Јапген Карелс се од Лајден, родниот град на Рембрант. Тие биле семејни пријатели и со родителите на сликарот, така што нивните животи биле поврзани со децении и добро се познавале“, вели Хенри Петифер, претставник на одделот за Стари мајстори на „Кристи“.