Екипи на Град Скопје интензивно работат на хортикултурно уредување на зелените јавни површини на паркот „Жена борец“. Станува збор за реконструкција на јавна зелена површина од околу 7.000 квадратни метри, на којашто ќе се изврши замена на стариот со нов тревник. За првпат во зеленилото ќе се постави и систем за наводнување со 135 прскалки, 1.000 метри систем капка по капка, главна водоводна мрежа од 850 метри и 35 хидранти за полевање на зеленилото.
Досега зеленилото во паркот се полеваше рачно со црева. Во рамките на паркот е заменета старата и оштетена урбана опрема со нова. Во паркот се уредени и патеките, а веќе се монтирани 55 вградени светилки коишто ќе ги осветлуваат дрвјата. Исто така, се планира да биде поставено и ново осветлување со 45 декоративни столбови за осветлување со висина од 4,4 метри, на кои ќе се монтираат светилки од 70 вати. Во паркот се планираат и изградба и на три чешми за пиење вода.
На хортикултурното уредување на паркот работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, а за реализација на овој проект од буџетот на Градот ќе се издвојат околу пет милиони денари, соопштија од Град Скопје.