Насловна / Вести / Реконструкција на десната коловозна лента спроти поранешен „Рекорд“

Реконструкција на десната коловозна лента спроти поранешен „Рекорд“

rekord-rekonstrukcija

Градот Скопје започна со реконструкција на една коловозна лента во должина од 200 метри во потегот од Тетарот за деца до автобуската постојка спроти поранешен „Рекорд“, односно до клучката со улицата „Никола Вапцаров“ .
„Денеска започнавме реконструкција на една од четирите најоштетени автобуски стојалишта во Скопје. Минатата година го саниравме автобуското стојалиште спроти МАНУ, а оваа година планираме да ги реконструираме останатите три. Ова автобуско стојалиште е во најлоша состојба. Досега неколку пати е санирано со нов асфалтен слој, но се виде дека тоа не е добро со оглед на тоа што тампонот под асфалтот не е стабилизиран поради дождови и протекување под асфалтот“, истакна градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
Трајановски појасни дека на околу 120 метри од улицата што се реконструира, каде што е најоштетениот дел, ќе се промени тампонскиот слој во длaбочина од 90 сантиметри со нов, потоа ќе се асфалтира со три слоја, а завршниот слој ќе биде асфалт-бетон АБ 22 со полимер додаток.
Сообраќајот на овој дел од булеварoт ќе биде затворен од Порта Македонија до улицата „Никола Вапцаров“ и ќе биде пренасочен по околните улици.
Градежните работи ќе траат до крајот на јули, а инвестицијата за оваа реконструкција изнесува четири милиони денари. Градежните активности ќе ги изведува ГП „Бетон“.

Испрати коментар

Scroll To Top