Со поставување на мешовита канализација, започна реконструкцијата на 14 краци на улицата „Бистра“, во Битола, односно на 12 ќе биде поставена канализациона мрежа, бидејќи два краци веќе имаат. Потоа ќе биде поставена водоводна мрежа и на крај ќе се асфалтираат.
„Во оваа населба пред две до три години интервениравме на две поголеми улици тоа се улиците Бистра и Прогрес, меѓутоа по барање на мештаните овде има 14 краци кои што се исто така поврзани со улицата „Бистра“ и треба да се реконструираат “, изјави градоначалникот на Општина Битола Владимир Талески.
Проектот е со вредност од над 12.5 милиони денари, од кои 4.7 милиони е канализационата мрежа, околу 500 илијади водоводна мрежа и останатите околу 7.3 милиони денари за коловоз, односно асфалтирање.