Општина Кисела Вода започнува со реконструкција на објектот на ООУ „Круме Кепески“. Проектот има за цел да овозможи подобрување на условите во училиштето, преку примена на мерки за енергетска ефикасност, што е стратешка насока на оваа локална самоуправа.
Воедно, ова е проект што ќе се спроведе како дел од програмата на Секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода, а во кој средствата за негова реализација, во износ од вкупно 11.300.000 денари, се обезбедени од три субјекти. Ќе се искористат буџетски средства на општината, парични средства од приватна компанија и од меѓународна институција.
За замена на постојните со нови фасадни столарски и браварски елементи и замена на дел од застаклените површини, општина Кисела Вода ќе инвестира од сопствениот буџет околу четири милиони денари.
Паричните средства за изведба на фасадна топлинска изолација, во вредност од 3.800.000 денари ги обезбедува АД Цементарница Усје, како дел од нивната стратегија за општествена одговорност. Оваа компанија, преку ставањето на потписот за уште една соработка со општината, во спроведувањето на мерките за подобрување на условите за живот и работa на жителите на Кисела Вода, во случајов учениците од ООУ „Круме Кепески“, уште еднаш ќе ја потврди својата политика на одговорно корпоративно општествено работење.
Третата фаза од обновата на објектот на училиштето опфаќа замена на постојниот кровен покрив и топлинска изолација на кровната плоча, што ќе се работи во финансиско партнерство со УНДП. Со оваа меѓународна институција, општина Кисела Вода веќе има остварено повеќе успешни проекти на полето на енергетската ефикасност. За можноста преку уште една соработка, да се поддржи и инвестира во енергетската ефикасност, како стратегија за развој на општината, овие две институции веќе го потпишаа договорот, кој е во вкупна вредност од 3.500.000 денари.
Градежните активности за реконструкција на објектот на ООУ „Круме Кепески“ ќе течат во текот на летниот период, за време на летниот распуст, и учениците што тука посетуваат настава новата учебна година ќе ја започнат во реконструиран објект. ООУ „Круме Кепески“ е изградено во 1961 година. Во него настава посетуваат околу 700 ученици.