Насловна / Вести / Профитот пред безбедноста или зошто реконструираните фасади кријат опасност

Профитот пред безбедноста или зошто реконструираните фасади кријат опасност

Реконструирањето на фасадите во рамките на проектот „Скопје 2014“ е честа тема во медиумите. Главно, се расправа за „барокот“, „класицизмот“ односно чудниот и крајно кич конгломерат од стилови, високите цени, (не)оправданоста на ваквиот потфат, сквернавењето на авторството на бардовите на модерната архитектура, итн.профит пред безбедноста_08

Ретки се дебатите околу она што е денес еден од главните предизвици на модерната архитектура – енергетска одржливост на објектите, во контекстот на „Скопје 2014“.  Дали во тендерските критериуми за реконструкција на фасадите кај нас, овој факт е воопшто земен предвид? Не само во светот, туку дури и во нашето најблиско соседство (Белград, Загреб, Софија) реконструкциите на фасадите се прават со цел намалување на потрошувачката на енергија на објектот, и докажување на перформансите преку мерење на потрошувачката на енергија пред и по реконструкцијата. Легендарниот Сава Центар, спортската Комбанк Арена и други објекти, летово ќе станат енергетски поефикасни, за што веќе пишувавме на нашиот портал (https://www.porta3.mk/energetska-sanacija-na-delovni-sportski-objekti-vo-belgrad/).профит пред безбедноста_04 профит пред безбедноста_07

Во нашиов случај, сериозни инвестициски трошоци се вложуваат во згради кои и натаму остануваат подеднакво (или можеби и повеќе од досега) енергетски растрошни. Чест е примерот кога се реконструира само еден дел од објектот (фасадата кон главната улица – зградата кај ресторанот Пелистер, Министерството за правда и други). Aргументот за „енергетска ефикасност“ на зградата, соопштен од страна на ЕВН како изговор за „преслекувањето“, е дискутабилна, бидејќи според тврдењата на стручњаците во текот на последната реконструкција, во текот на деведесеттите години, се користеле најнови технологии, енергетски ефикасни стакла и слично. Но, додека за енергетската ефикасност можеби струката и може да полемизира, аргументот за адаптација на зградата за да се вклопи со изгледот на околните згради, навистина не остава простор за дебата.профит пред безбедноста_10

Еден друг аспект, пак, останува сосема на маргините. Се работи за критериумите што овие објекти треба да ги исполнуваат во однос на противпожарната заштита. Откако утрото на 16 февруари годинава, пламна пожар на фасадата од зградата на ЕВН во моментот додека се изведуваа зафати на реконструкција на фасадата, стручната јавност се разбранува и постави повеќе прашања во врска со видот и квалитетот на материјалите што се вградуваат. Дали на сметка на „поевтина“ изведба (иронично бидејќи инвестициите чинат милиони евра), материјалите што имаат подобри својства во однос на противпожарната заштита се заменети со нивните поевтини и помалку квалитетни „колеги“.профит пред безбедноста_05

Скопје, Македонија

„Чудесниот“ материјал е полиуретанот, кој освен неспорно добрите термофизички својства, има ниска отпорност на механички влијанија, но и висок ризик во однос на запаливост. Наспроти полиуретанот, може да се употреби природен камен (кој е благороден, отпорен, незапалив, но и скап) или вештачки камен (масивно лесен, многу едноставен за обработка, низок отпор на напукнување, ниска запаливост и лесна термоизолација). Пример, фасада со природен камен има Уставниот суд на Република Македонија, а со вештачки камен се украсени зградата на Министерството за надворешни работи и на Кривичниот суд. Со стиропор се фасадирани зградите на Министерството за финансии и хотелот „Стоунбриџ“. Со полиуретанот, од проектот Скопје 2014, се „обвиени“ зградите на Агенцијата за електронски комуникации, Владата на Република Македонија, Јавното обвинителство, МЕПСО, ЕЛЕМ, Геолошки завод, ЕВН, Водовод и канализација, Градска куќа, седиштето на ВМРО – ДПМНЕ и други објекти на улица „Македонија“.профит пред безбедноста_01

Баку, Азербејџан

Вакви примери на „разубавување“ на фасади не се новост во светот. Но, страшниот пожар кој на 19 мај 2015-та се случи во станбена зграда во Баку, чија фасада претходно беше на овој начин „разубавена“, постави многу прашања? Несреќата  однесе 16 жртви, меѓу кои пет деца. Почитуваниот  архитект д-р Петар Николовски се огласи тогаш преку социјалните мрежи апелирајќи да се обрне сериозно внимание на материјалите што се употребуваат и начинот на изведба на фасадите, предупредувајќи дека токму изведбата на фасадите со потконструкција и простор исполнет со воздух помеѓу постоечкиот ѕид и новата фасадна обвивка, со оглед на постојаното присуство на воздух односно кислород во тој меѓупростор кој при појава на пожар ќе го стимулира горењето.профит пред безбедноста_06

Баку, Азербејџан

Декоративните елементи – детали употребени во „китење“ на фасадите, главно се изработени од три материјали: експандиран или екструдиран полистирен (општо познат како стиропор), полиуретан и рециклиран стаклен гранулат. За разлика од стаклениот гранулат, кој за жал поради високата цена многу малку е употребуван, првите два материјали спаѓаат во групата на горливи материјали, и тие масовно се употребени во зградите од проектот Скопје 2014. Светскиот и европскиот тренд за градба на енергетски ефикасни згради (од нискоенергетски, пасивни, нула енергетски до плус нула енергетски згради) ги употебува овие материјали како извонредни топлинско-изолациски материјали, со дебелини од 10 до 30 cm, но строго според пропишаните упатства, особено во поглед на противпожарната сигурност. Предвидена е изведба на појаси од негорливи изолациски материјали над прозорците и на одредени височини по обемот на целата зграда, надворешна пожарна заштита на изолацискиот материјал со минерален негорлив слој од 8-10 mm, прицврстен со челични анкери во основниот ѕид и низа други превентивни противпожарни мерки.профит пред безбедноста_09

За потсетување, за појава и одржливост на пожар потребни се три услови: извор на оган, материјал кој гори и присуство на воздух (кислород). Отсуство на кој било фактор од наведените три, го оневозможува ширењето на пожарот. Правилата и технологијата при изведба на изолациски системи кои во својот состав имаат горлив материјал, содржани се во европскиот документ European Guideline for the Application of ETICS, како и во документот ETAG 004. Каде се тука нашите „барокни“ фасадни обвивки, изработени од горливи материјали, со дебелина, обично, од 1-2 cm, без надворешна минерална противпожарна заштита од 8-10 mm, прицврстени на метална потконструкција, која обвивката ја оддалечува десетина сантиметри од основниот ѕид, и на тој начин формира воздушен простор (еден од трите услови за пожар)? Овој воздушен простор, во случаите кај облогите на вертикални столбови, формира извонреден оџак за ширење на пожарот во височина! „Дека овие мои песимистички анализи не се гола фантазија, говорат горките искуства во други земји, кои применувале слична технологија за имитација на поранешни архитектонски стилови, но со фалш материјали и технолгија. Во Баку (Азербејџан) се случи катастрофален пожар на станбена зграда, со многу човечки жртви и повредени. По гаснење на пожарот остана само металната потконструкција за која беше прицврстена горливата фасадна облога. Овој пожар не беше единствен во Баку и во другите градови, поради што се запали црвен сигнал и беше донесена одлука, на сите повисоки згради во градот да се демонтираат горливите фасадни облоги“, вели д-р Николовски.профит пред безбедноста_12

Дали е извлечена поука од пожарот на зградата на ЕВН?

Кој и колку профитирал кај нас од „разубавувањето“ на центарот? Дали зад масовната примена на полиуретанот стојат и некои лукративни причини? Одговорот на овие прашања и дилеми, веројатно, наскоро ќе го дознаеме.  Во меѓувреме, сите засегнати страни (инвеститори, изведувачи, проектанти) треба на прво место да внимаваат на сигурноста и безбедноста на градбите, поучени од трагичното искуство во Баку, но и од пожарот на зградата на ЕВН, кој за среќа мина без поголеми последици. Велат, се учиме секогаш само од сопствените грешки. Но, најважно е да не се плати висока цена за таа школа.

Првите нови фасади во Баку се појавуваат пред неколку години, поточно во 2012 година, во очи на првиот голем настан на кој Азербејџан стана домаќин – натпреварот за песна на Евровизија, со намера за кратко време да се „разубави“ центарот на градот и да му се вдахне „европски дух“ (преку некои нови квази стилови на фасади), наспроти некогашното советско односно комунистично време. Уште тогаш, овие фасади се поврзуваа со неколку пожари кои се појавиле на реконструираните објекти.

Но, набрзо потоа Министерството на Азербејџан за кризни ситуации обезбеди документ според кој фасадниот материјал (полиуретан) бил подложен на лабораториски испитувања и не се детектирани никакви ограничувања во поглед на безбедноста, додавајќи дека се работи за материјал кој вообичаено се користи на фасадите ширум светот. Последнава констатација е точна, но не смее да се заборави еден клучен факт: Безбедносните ризици се навистина минимални само доколку полиуретанските панели прописно се монтираат. Во спротивно, тие можат да бидат многу опасни. Во случајот на опожарената станбена зграда, полиуретанските панели биле монтирани на оддалеченост од скоро 30 сантиметри од основниот бетонски ѕид, создавајќи вертикален тунел со воздух,односно кислород кој уште повеќе го стимулирал огнот, резултирајќи во катастрофа.

Веднаш по оваа катастрофа, гневните жители на Баку ја повикаа Владата да реагира и да ги отстрани спорните фасади, а некои пак отидоа дури дотаму што самите, организирани преку социјалните мрежи, ги демонтирале фасадите на станбените згради каде што живеат оставајќи ја само потконструкцијата како грд потсетник на еден кошмар. Официјално, фасадите во Баку требало да бидат изработени од камен, но брзо се поминало на полиуретан како поевтина варијанта во намерата да се креираат привремено чисти и стилски фасади, налик на кулисите од Потемкиновите села.fasadsa baku1

Реконструирана фасада на објект во Баку

Компанијата Global Construction е носител на голем број од овие проекти, а исто така се потпишува и зад новата Кристална Палата – огромната концертна сала во која се одржа Песната за Евровизија во 2012, и за чија изградба се потрошени 134 милиони евра. Денес,  фирмата е под истрага поради сомневања за корупција и перење пари.  Градоначалникот на Баку вели дека речиси 120 згради со потенцијално опасни фасади се изградени во Баку од страна на Global Construction. Но извештајот на агенцијата Turan news, оперира со бројки блиску до 800.

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top