Целосно е завршено реконструирањето на Галеријата „Никола Мартиноски“ во Крушево, a завршува и обновата на уште една фасада на куќа од староградска архитектура, досега седма во овој град. Направена е и ограда околу „Македониумот“ – споменикот на Илинден, кој ќе почне да се реконструира откако ќе заврши тендерската постапка.
По повод овие проекти кои се реализираат со средства од Министерството за култура, денеска Крушево го посети министерката Елизабета Канческа-Милевска.
На промовирањето на реновираната Галерија „Никола Мартиноски“, која го носи името на познатиот крушевчанец, еден од основоположниците на современата македонска ликовна уметност, Канческа-Милевска соопшти дека објектот е целосно уреден надворешно и внатрешно.
– Реконструкцијата опфати партерно уредување, оградување на просторот, завршена е и фасадата во првата фаза – во уредувањето на екстериерот. Денеска можеме да видиме дека е и ентериерно целосно завршен, направена е конзервација на целокупниот простор, на сите таваници, на дрвото во Галеријата. Сменета е електричната инсталација, која беше специфична и неопходна, како и санитарните јазли во објектот – изјави министерката за култура.
Во реновираната Галерија се поставени 62 оригинални слики на Мартиноски, а се презентирани и етнолошки предмети и автентични крушевски одаи.