Целосно е реконструиран Одделот за онкологија на Унивезитетската клиника за детски болести. Со комплетното реновирање, извршено со донација од околу 260 илјади евра од компанијата „Макстил“, во одделот се поставени нови системи за вентилација и за технички гасови, реновирани се сите болнички соби и просториите за медицинскиот персонал, обновена е електричната инсталација, како и дел од водоводната и канализациската мрежа, а поставен е и нов медицински под на површина од 400 квадратни метри. Претседателот на Одборот на директори на „Макстил“, Димитар Цветковски, посочи дека се воделе од желбата на најмалите пациенти да им го овозможиме најдоброто лекување и нега блиску до дома.
Реновираниот Оддел за онкологија на Детската клиника е единствен од ваков тип во земјата со интенција да прерасне во регионален центар за лекување деца со канцер. Одделот денеска го посетија претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за здравство Беким Сали.
За донаторот, целосното реновирање на овој Оддел е одговор на потребите за обезбедување современа и безбедна средина за лекување на пациентите кои имаат потреба од онколошки третман.
Донацијата беше симболично предадена на 7 април по повод Светскиот ден на здравјето и истата беше поддржана и од повеќе соработници на Макстил.
Министерот за здравство Сали посочи дека одделот за онкологија е единствен од овој карактер во регионот и ќе услужува пациенти и од Косово и од Јужна Србија.
Премиерот Ковачевски рече: „7 април – Светскиот ден на здравјето, кој се одбележува под покровителство на СЗО, дел од ОН има за цел афирмација на правото на секој човек на еднаков пристап до квалитетни здравствени услуги во насока на искоренување на различни болести и намалување на морбилитетот и морталитетот како и преземање мерки и активности за превенција. И додаде дека: „Овој модернизиран капацитет, значи подобра услуга за пациентите, задоволни здравствени работници и уште повеќе излекувани деца“.