Насловна / Вести / Реконструиран мозаикот во Старата епископска базилика вo Стоби

Реконструиран мозаикот во Старата епископска базилика вo Стоби

stobi (3)

Реконструиран и вратен е мозаикот во Старата епископска базилика на археолошкиот локалитет Стоби.
Мозаикот се наоѓа на површина од 150 метри квадратни, генерално со геометриски флорална декорација која е типична за тоа време, за IV век. Неговата конзервација почнала во 1991 година од страна на Националниот конзервациски центар, а археолозите од НУ „Стоби“ почнале со доработка во 2012 година и сега е поставен во целиот свој сјај.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска појасни дека мозаикот е вратен на челична подлога, што е прво вакво решение за изолација од влага и надворешни влијанија во Македонија, но и пошироко.
– Под челичната подлога се гледаат и остатоците од археологијата во овој дел, кој е единствен крупен мозаичен зафат што долго време се работеше и по 20 години е вратен на старото место каде што постоел во епископскатабазилика, една од најстарите ранохристијански базилики кои датираат од доцниот 4 век и ќе биде достапен за јавноста, истакна Канческа – Милевска.
Со неговото враќање, смета дека ќе се зголеми и посетеноста на локалитетот Стоби, каде во 2014 се регистрирани над 14.000 посетители.
Согласно годишната програма на Министерството, информира дека е предвидено во нартексот на епископската базилика да биде конзервиран мозаикот и да биде вратен со што целиот комплекс ќе биде завршен.

stobi
Во делот на конзервацијата на Античкиот театар, министерката Канческа-Милевска истакна дека целосно е завршена конзервацијата на источниот дел од гледалиштето, следува фаза за објавување тендер за избор на фирма која ќе ги постави мермерните плочи.
– Извршено е истражување на централниот коридор. Се планира да се почне со истражување и на горниот дел од гледалиштето, а ќе направиме и некоја динамика околу конзервација на другиот дел од гледалиштето каде има мермерни плочи кои поради долгото траење ќе треба да се извадат, да се конзервираат и повторно да се вратат. Имаме одредена динамика која ќе ја следиме во наредниот период со цел театарот да се стави во целосна функција, нагласи ресорната министерка.
Во Годишната програма на Националната установа „Стоби“ влезено е и уредување на музејската поставка, која ќе го уредува објектот „Стара железничка станица“, што се наоѓа од другата страна на локалитетот.

stobi (2)
– Објектот ќе има неколку мултифункционални примени. Ќе има музејска поставка, повеќе функционална сала за семинари и слично. Лапидариумот во надворешниот дел ќе биде уреден што е предвидено да заврши оваа година. Во буџетот има обезбедено средства. Институцијата треба веднаш да почне со распишување тендери за изработка на проекти со цел „Старата железничка станица“ да се претвори во една прекрасна музејска поставка. Предвидена е изградба и на кафетерија за посетителите што ќе даде поголема можност да имаат простор да седнат и да одморат од прошетката, додаде Канческа – Милевска.

Испрати коментар

Scroll To Top