И третиот дел од реконструкцијата на улицата „Ленинова“ е завршен. Општина Центар ги заврши работите на улицата на потегот од булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Орце Николов“.
За коловозот, кој е во должина од 310 метри, имаше секојдневни реакции од граѓаните, бидејќи беше во многу лоша состојба, со ударни дупки и прекопи, кои беа опасност за безбедноста и на возачите и на пешаците.
Оштетениот тампонски материјал беше изваден и вграден нов тампонски слој, поставен е нов асфалт на цела должина на коловозот на овој дел од улицата, на површина 4500 м2.
На овој дел на улицата „Ленинова“, иако се работи за фреквентна и значајна улица, никогаш немало атмосферска канализација и затоа после секој голем дожд се создаваа вирови и се мешаше атмосферската со фекалната канализација.
Новата атмосферска канализација, во должина од 160 метри сега ги прифаќа атмосферските води од улицата.
Останува уште еден дел за комплетна реконструкција на „Ленинова“. Потегот од булеварот „Партизански Одреди“ до Клубот на пратеници, општина Центар ќе го обновува наредната година.