Париз во неизвесност чека додека нивото на реката Сена расте до точка кога би можела да го поплави градот.
Нивото на реката може да порасне до шест метри вечерва. Властите изјавија дека иако се преземени безбедносни мерки, ја потцениле брзината и порастот на нивото на водата во текот на изминатите три денови, пренесува Independent.
Една од метро станиците во близина на реката, Сен Мишел, во близина на катедралата Нотр Дам, беше затворена утринава бидејќи вода почнала да протекува преку ѕидовите.
Два од најголемите уметнички музеи на светот, Лувр и музејот Орсеј, кои стојат на двата брега на реката Сена во централен Париз, денес беа затворени поради претпазливост.
Околу 250000 уметнички дела и историски предмети од подземните складишта на Лувр беа преместени во погорните спратови.
Околу 30000 уметнички дела на приземјето и во подрумот на Орсеј исто така се преместени. Вработени во музејот велат дека нема причина да се верува дека Сена сериозно ќе им наштети на музеите, но складираните дела се преместени за секој случај.
Ќе бидат потребни три до четири дена за подземните складишта да се испразнат и предметите да се преместат на погорните спратови, кои се вообичаено отворени за јавноста.