Насловна / Вести / РЕК Битола е најголем емитувач на сулфур диоксид во регионот

РЕК Битола е најголем емитувач на сулфур диоксид во регионот

Според најновиот извештај од Бенквоч, две и пол години откако законодавството за контрола на емисиите од големи согорувачки капацитети стапи на сила преку Енергетската заедница, нашата земја е сè подалеку од исполнување на обврските. Емисиите на прашина од РЕК Битола и РЕК Осломеј во 2019 година остануваат слични како и минатите години, но емисиите на сулфур диксид се дуплирани во споредба со 2018 година.

Овогодинешниот извештај, кој е продолжение на ланскиот „Усогласи или затвори“, покажува дека термоелектраните на јаглен од Западниот Балкан продолжуваат да емитуваат неверојатно високи количина на загадувачи во воздухот – повеќекратно поголеми од дозволените со Националните планови за намалување на емисиите.

REK1

Вкупните емисии на сулфур диоксид во 2019 година од термоелектраните во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија остануваат шест пати над дозволеното, исто како и во 2018 година. Емисиите на прашина во регионот се незначително намалени и во моментов се 1,6 пати повисоки од дозволеното.

Но, покрај загрижувачките вести за целиот регион, извештајот искажува особена загриженост за ситуацијата со РЕК Битола. Емисиите на прашина повторно се 2,5 пати повисоки од дозволеното, но најголем проблем стануваат емисиите на сулфур диоксид од електраната – тие се дуплирани за само една година, од 52.823 тони во 2018 година во 105.431 тони во 2019 година. Со ова трите блока во комбинатот станаа инсталација со најголеми емисии на сулфур диоксид во регионот, а можеби и во Европа.

Националниот план за намалување на емисиите е механизам што овозможува големите капацитети постепено да ги намалуваат емисиите до 2027 година кога треба да се целосно усогласени со строгите гранични вредности од европското законодавство. Но, согласно развојот на настаните во енергетскиот сектор во државава, станува се помалку веројатно дека ќе видиме постројка за десулфуризација во Битола во периодот до 2027 година.

REK

“Во меѓувреме приоритет е да се донесе Програмата за имплементација на стратегијата за развој на енергетиката со која ќе се избере зеленото сценарио како најисплатливо и забрзано ќе почне да се спроведува. Ова ќе овозможи во најкраток можен рок да се намалат работните часови на комбинатот и тој да се затвори во определениот рок, а со тоа и да се елимира проблемот со загадувањето што произлегува од него.“, изјави Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување во Бенквоч и ко-автор на извештајот.

“Не смееме да дозволиме емисиите од РЕК Битола да останат на ова ниво во наредните години.“, продолжи Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. Таа додава дека сулфур диоксидот е сериозна закана по човековото здравје и по животната средина. Предизвикува иритација на дишните патишта и во големи концентрации доведува до сериозни респираторни заболувања. Тој е исто така и главна причина за појава на кисели дождови што се погубни за нашите шуми и плодна земја.

Елена Николовска од Еко-свест вели дека РЕК Битола е најголем индивудуален загадувач, но истовремено и најголем индивидуален извор на стакленички гасови. Со забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија нема само да го подобриме квалитетот на воздухот во битолскиот регион, туку ќе бидеме и многу блиску до намалување на емисиите на стакленички гасови. Дополнително енергетската транзиција отвара можности за одржлив економски развој на целиот регион, дополнува Николовска.

ko

Испрати коментар

Scroll To Top