Насловна / Архитектура / Реинтерпретација на лакот како главен обликовен елемент во формацијата на просторот

Реинтерпретација на лакот како главен обликовен елемент во формацијата на просторот

За конкурсот:
Ансамблот за народни игри и песни на Србија, во соработка со Друштвото на архитекти во Белград распиша отворен конкурс за изработка на идејно решение – нова зграда за државниот српски ансамбл – Коло, прв специјализиран сценски простор за уметнички игри во земјата. Локацијата на новата зграда се наоѓа во централното градско подрачје на Белград, општина Стар Град, во непосредна близина на „Бранков мост“ и реката Сава. Овој предел на Косанчиќев венец е еден од културолошки највредните и најрепрезентативните зони-ведути на Белград. Дополнително, локацијата е составена од две парцели; зона 1 – простор за новата зграда на ансамблот Коло, и зона 2 – анкетен конкурс за предлог-решение на објект од областа на културата. На местото на зона 1 се наоѓал првиот постојан српски театар „Театарот на Ѓумрук“ или „Ѓумрукана“ кој работел од 1841 до 1842-та година. Истиот објект претходно бил административна зграда и царинарница, изграден во 1835-та година, од каде и го носи името „ѓумрук“- турски израз за царина, употребуван во 19-тиот век. Зградата била оштетена за време на Втората светска војна и срушена во 1945-та година. Новото идејно решение треба да претставува симболична обнова и реминисценција на ѓумруканата, во склад со конкурсната задача, програмските барања и значењето и потенцијалот на локацијата. Главната цел на овој конкурс е избор на најквалитетното архитектонско-урбанистичко решение од страна на стручното жири, составено од: Владимир Декиќ, дипломиран продуцент за театар, радио и култура, директор на Ансамблот за народни игри и песни на Србија – Коло, Марко Стојчиќ, дипл. инж. арх., главен урбанистички планер на Град Белград, како и претставници од „Друштвото на архитекти од Белград“, проф. Михаил Тимотијевиќ, д.и.а., Анѓела Карабашевиќ, д.и.а., и Зоран Радојичиќ, д.и.а.

Sa neba

Во следниот дел од текстот го претставуваме третонаградениот проект, кој е единствен од наградените трудови што воспоставува проектантска асоцијација со старата џумрукана. Автори на идејното решение се: Милош Јокиќ, м-р арх., Тијана Мачкиќ, м-р арх., Душан Николиќ, м-р арх., и Никола Ѓорѓиевски, м-р арх. и м-р пејз. арх и урбанист, како и надворешните соработници: Стефан Илиќ, м-р арх. и Милан Савовиќ д.и.а.

Проектот е опишан во три дела: контекст, концепт (урбанизам) и концепт (објект).

Model

Контекст:

На макрониво, локацијата претставува физичка колизија од урбана археологија, пејзаж и инфраструктура, непосредно во градски контекст кој рапидно се трансформира, морфолошки и метафорично, отворајќи го прашањето за културното милје на ХXI век. На микрониво, локацијата е дефинирана преку некогашниот асемблаж на Косанчиќев венец кој се карактеризира со густо поставени објекти од културно и историско значење во чии архитектонски елементи се препознаваат некогашните обликовни аспекти на старата ѓумрукана. Исто така, во физичка смисла, локацијата е дефинирана преку топографијата на белградскиот гребен, како и непосредната близина на реката Сава. Уште една значајна просторна детерминанта, опфатена во конкурсниот распис, е новопроектираната проодна улица на средишната кота од ридот, која има тенденција да се надоврзе на низата објекти кои ја тангираат. Специфичните микроамбиентални елементи и простори во близина на локацијата истовремено претставуваат репери во урбаната матрица на Белград, како „Големите скали“ – значајна врска помеѓу старото градско јадро и реката Сава, и променадата која кулминира со уникатни погледи кон речното устие, големиот воен остров, тврдината „Калемегдан“ и „Нов Белград“. Новиот објект претставува значајна промена во познатата градската ведута, и имајќи го тоа предвид, проектот се стреми да воспостави висинско вклопување со постоечката урбана морфологија и континуитет со изградениот уличен фронт, а со тоа и со самиот белградски гребен, на начин на кој би се постигнала интегрална и кохерентна целина без нарушување на веќе постоечките просторни атрибути и визури.

Model

Од друга страна, димензиите на парцелата повикуваат на проектантска методологија која ги преиспитува конвенционалните практики во доменот на проектирање згради од ваква типологија, имајќи предвид дека самите наложуваат грациозно хоризонтално простирање. Ултимативно, објектот има за цел да го врати и одржи споменот на некогашната ѓумрукана, а притоа да оддаде почит кон постоечкото урбано наследство и да воспостави коегзистенција помеѓу ридот и реката.

Brankic

Концепт (урбанизам):

Зоните кои ги опфаќа конкурсот претставуваaт голем сегмент на територија која недостасува во композицијата на урбаниот асемблаж на Ксоанчиќев венец и белградскиот гребен. Оваа урбана матрица е предодредена со исклучителна концентрација на културно и историско наследство, кое на еден начин го отежнува и условува експресионистичкиот потенцијал на интервенцијата во празнината. Првата зона е дефинирана со објектот на ансамблот за народни игри и песни, акцентирајќи ја празнината на втората зона како обликовен аспект кој понатаму игра улога во проектирање на идејното анкетно решение за зграда од областа на културата. Празното /void/, е всушност метафоричен, но и физички контраст на најпроминентниот елемент на зградата на ансамблот – квадратна театарска кула. Во таа смисла, сликата за другиот објект станува негова инверзија – отвор – кружен атриум. Овој метод е пропратен и во предлог-програмата за објектот од културата во зона 2 – дигитална библиотека и музеј на дигиталните уметности. Таквата библиотека, во програмска смисла, претставува стремеж кон иднината наспроти традиционалниот тип, но исто така, како што објектот во зона 1 се реферира со старата ѓумрукана, така и објектот во зона 2 се реферира со некогашната зграда на народната библиотека на Косанчиќев венец, која настрадала при бомбардирањето на Белград во 1941-та година. Од една страна, двата објекта делат заеднички својства во поглед на габаритот, волуменот и контактот со ридот, но од друга страна, имаат контрастно-дуален однос: тектоника наспроти трепет, кула наспроти атриум, квадрат наспроти круг, лак наспроти ортогонала, традиционално наспроти современо.

Model

Концепт (објект):

Концептот на проектот ја следи идејата за реинтерпретација на лакот како главен обликовен елемент во формацијата на просторот, како надворешниот така и внатрешниот. Освен тоа што ја олицетворува изгубената слика на старата џумрукана, претставува и континуитет на повеќе-вековното постоење на лакот во традиционалната српска архитектура како и архитектурата во регионот. Во тој контекст, лакот може да се смета за еден архетипски елемент на овие простори, а тоа го чини јасен, читлив и комплементарен дел од составот на културното наследство пошироко од урбаната матрица. Во поглед на тематизација на просторот, објектот може да го поделиме на поетичен и прагматичен. Приказната за првиот започнува со позиционирање на гледалиштето нормално на главната улица, така што истото се издига и го повлекува тлото оддолу, дефинирајќи го јавниот простор на објектот со својата изразита тектоника. Фоајето, како клучен сегмент од поетската половина, претставува фузија од сите специфични елементи на зградата, вклучувајќи го и јавниот аркаден уличен трем кој го нагласува суперјавниот карактер на овој простор. Композицијата од бројно пресечени и вкрстени лакови, сводови и волути, различни по висина, распон, материјализација и функција, генерира еден извонредно комплексен и возбудлив простор. Оваа збирка од простори ги поврзува главното гледалиште и главната сцена, музејско-галерискиот простор, мултифункционалната и главната балетска сала, како и кровниот простор /hortus ludi/ – рамнинско продолжение од ридот кое вклучува отворен амфитеатар, летна сцена, видиковец и кровна градина. Фасадата претставува една респонсивна аркадна рамнина која ја пресликува геометријата и структурата на просторот однадвор, и обратно, фасадата е одраз на функцијата и темата на просторот однатре. Спротивно на поетичниот простор, во позадината на зградата, се наоѓа прагматичниот простор. Овој дел е условен од просторно-функционалната шема на ансамблот. Тој претставува скелет што спроведува функционално-просторна дистрибуција за лесно работење на зградата за ансамблот, како за потребите на секојдневните активности, така и за ноќните спектакли.

Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх. и м-р пејз. арх.

Foaje

Glavna dvorana

Stepenice

UGAO

Испрати коментар

Scroll To Top