Меѓународното архитектонско биро Hello Wood и бирото од Будимпешта BLOKK неодамна изведоа проект во Будимпешта за нов центар за посетители и инфо-пунктови во рамки на комплексот на прочуениот Будимски замок, чии најстари делови датираат од 1265 година.
Проектирани како целосно рефлектирачки и речиси совршени коцки, структурите неприметно се вклопуваат во своето опкружување, така што на своите фасади со ефект на огледало го пресликуваат своето непосредно опкружување, а исто така ги повикуваат минувачите крај нив да направат необично селфи.
Употребата на огледала на фасадата всушност е барање на клиентот, кој бил насочен кон зачувување на културниот квалитет на околината. Архитектите добиле задача историската градска четврт да ја дополнат со современи градби кои нема да го нарушат постоечкиот архитектонски склад, пишува DesignBoom.
Центарот за посетители, со површина од 30 метри квадратни, се наоѓа во самиот центар на локацијата, веднаш до замокот и се карактеризира со дизајн кој одговара на неговиот контекст.
Како и инфо-пунктовите, така и овој објект има рефлектирачка фасада, со тоа што има кров исто така покриен со огледала.
Инфо-пунктовите функционираат и како шалтери за добивање корисни информации, но и како продавници за сувенири, а распоредени се на три различни локации.
Разиграниот контраст помеѓу ентериерот и екстериерот ги прави уште поинтересни. Ладните стаклени фасадит, комбинирани се со топли ентериери направени од борова иверица.
Објектите биле лесни за транспорт, како и за монтажа на лице место, имајќи предвид дека конструкциите се изградени како четири модули од челична рамка, кои се инсталирани на локацијата со помош на дигалка.