Граѓаните на Македонија полека созреваат во едно големо промислувачко мнозинство на умни луѓе кои внимателно градат став и мислење, градат доверба кон Професионализмот, индивидуално се изразуваат и коректно ја толкуваат различноста. Тоа дава надеж во очекување на ресетирање на системот со внесување на поинакви граѓански идеи и концепти, во очекување на големи и длабоки реформи.
Но, мора да се подвлече потребата од трпение за да се пројават токму оние што можат и знаат, оние што се подготвени да ѝ понудат поинаква, вистински граѓанска, социјална, демократска, праведна, секуларна и економски силна иднина на државава. Професионалните капацитети се создадени, само треба да се активираат и мотивираат, да се надградуваат за во времето што доаѓа да го водат долгиот мачен процес на оправање, особено во сферата на архитектурата, урбанизмот, заштитата…
Недоволното и површно знаење, мрзливоста, самобендисаноста, ароганцијата, конформизмот, лицемерието, демагогијата, недоследноста, отсуството на визија и многу други слабости, може да пречат. Секој што учествува во раководење, креирање политики, одлучување, планирање, обликување и одржување на просторот, треба, пред сè, да се доживее себеси како човек и да е отворен за потребите на другите (доц. д-р Д. Пенчиќ).
Корисно е, потребно е, неопходно е потсетување на многуте сторени непромислености во последниот период од развојот на градот Скопје, од кои највпечатлив е проектот „Скопје 2014“. Ова што се случува и што сè уште трае, го сквернави достоинството на Граѓанинот, навредливо го игнорира ставот на Професионалците и преминува во вулгарна злоупотреба на довереното владеење. Се затвораат очите пред сите јасни манифестни заеднички искази (многубројни петиции, протести, дебати, писанија …) и пред сите меѓународни погледи и проценки на оваа чудна материја. Така што денес, по седум години на стихијно реализирање и проширување на овој проект, се практикува и еден инфантилен инает на продолжување по секоја цена, па сите ги опфаќа чувство на лутина, бес, немоќ, заситеност, и полека преминува во рамнодушност (што е најстрашно!).
Тој проект мора да има свое место и соодветен третман во скорашната иднина затоа што (колку и да е производ на нездрава логика и помрачен ум) тој е новосоздадена реалност, даденост од ова наше време за некое наше идно време. Јасен аргументиран став на оваа тема ќе бара секој разумен субјект, граѓанин, човек, па и случаен турист. Значи, прашањето е ШТО СО СКОПЈЕ 2014? ШТО ПОНАТАМУ? Се очекува нормализирање на правниот поредок во земјава и низ квалитетна правна рамка и високо стручна квалификација, справување со оваа нова мегаструктура по сите можни аспекти: преиспитување, одржување, дислокација, редизајнирање итн.
Огромна одговорност останува на идните одлучувачи за судбината на создаденото од проектот „Скопје 2014“, односно претстои негова продлабочена анализа, но, пред сè, се очекува детектирање на „што тоа сè е Скопје 2014“ – инвентаризација, преглед, извештај, па потоа сегментирана, тематска и етапна сериозна валоризација – просторна, културна, архитектонска, финансиска… Потребно е партиципативно одлучување за луѓето да се препознаат во него, потребно е РЕФЕРЕНДУМСКО изјаснување за предложени зафати врз инсталациите на Скопје 2014, па дури и за секоја негова поединечна интревенција во јавниот простор. Одредени делови од овој проект се непоправливи, а некои со соодветна студија, доста време и многу пари, можат да добијат реинтерпретација или редизајн или алокација, но може да се каже со сигурност дека „лузните“ ќе останат и во визуелниот хоризонт и во колективната меморија.
Неприкосновена вистина е дека просторот се менува со сите специфики на времето што го живее, па да се надеваме дека ќе преовладее мудра и рационална политика во неговото преобликување во иднината што доаѓа, во битките што нè чекаат, НАС, ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ.
Пишува: Даница Павловска Циги, дипл.инж.арх.