Целта на темата на БИМАС 2016 „Рециклирана архитектура“ беше, да нè потсети и да нагласи дека како архитекти имаме обврска да укажеме на недостаток на интерес за напуштените објекти и простори, запоставување на вредното архитектонско творештво и згора на сè, рефасадирање на значајни архитектонски дела. Сета оваа архитектура и простори се еден заборавен свет, преполн со прашања и чека да го пронајдеме одговорот. Тие се како болест за која има лек, но нема кој да ги лечи.
Се надевам дека 18-иот БИМАС барем до некаде успеа да нè потсети на заборавените простори и објекти. Да ни даде до знаење дека ние сме тие што сме најодговорни за овие места и простори, дека тие чекаат на нас архитектите.
Програмата на БИМАС се одвиваше во контекст на зададената тема.
Во „Јавна соба“ се организираше изложба на фотографии на архитект Александар Наумчески, насловена „Имагинарен град“. Фотографии настанати од урбани сцени, архитектонски фрагменти и секвенции, кои не ретко остануваат неприметени од окото на минувачот. Рекомпонирањето, мултиплицирањето, преработувањето, нагласувањето или маргилизирањето на овие архитектонски фрагменти создава еден имагинарен свет, виден и создаден од окото на архитект, а изразен преку фотографии на реализирана архитектура, но склопена на различен начин.
Гостуваше Мароје Мрдуљаш, архитект и архитектонски критичар од Загреб, Хрватска. Одржа предавање на тема „Модернизација, отворени системи, транформации“. Говореше за архитектонските достигнувања во Југославија, општествениот момент на времето кога се тие создавани. Пораката што се испраќала преку архитектурата во едно време по години многу блиску до сегашното, но по прогресивност, напредна мисла и современ архитектонски израз многу понапред од денес. Говореше и за судбината на некои објекти кои ја доживуваат зафатени од општествените промени во негативна, но и во позитвна насока, потенцирајќи ја виталноста на архитектурата. Го потенцираше значењето на Скопје како еден одличен пример на формирање на еден модерен град со лепеза од објекти значајни за архитектурата во регионот и пошироко.
Во рамките на БИМАС се организираше и автобуска тура низ седум локации, простори, места, објекти во Скопје, сите со единствени карактеристики, места кои или се наоѓаат во процес на рециклирање или имаат силен потенцијал за тоа. Интервенциите беа замислени како преобмислување на основните функции или, пак, како потреба од нагласување, откривање и опоменување. Или како што вели кураторот: „Интервенциите се минимални во изразот и обемот, но силни во идејата што треба да ја пренесат“.
Автобуската тура заврши во халата „Механика“, каде што доцент Горан Мицковски одржа предавање на тема „Трансформација на индустрискиот простор во Скопје“. Ова предавање ги претстави најзначајните сегменти од трансформираните индустриски локации, посебно оние што најсликовито ги покажуваат позитивните и негативните карактеристики на трансформацијата. Понатаму, во контекст на јавното незадоволство од урбаната трансформација на Скопје во последниве две декади, која е водена исклучиво од користа на приватниот капитал, предавањето го постави прашањето: „Може ли некогашните индустриски локации да бидат функционално трансформирани во интерес на јавноста?“
Аристид Антонас, архитект и писател од Атина, Грција, одржа предавање „Урбани кревети и маси“. Тивката трансформација на концептот на минималното се случува во ентериерот на домашниот простор. Улогата на мебелот е преиспитана со тоа што станарите стануваат корисници на поинаква инфраструктура.
Доцент Aна Ивановска Дескова одржа предавање и изложба „Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје“. Говореше за архитектурата на постземјотресната обнова на Скопје, што претставува едно од највредните архитектонски искуства во историјата на градот. Денес, речиси 40 години по завршувањето на обновата, дел од овие објекти претставуваат архитектонско наследство со високи вредности за кои јавноста, а пред сè институциите, немаат свест. Соочени со постојано променливиот, „нечувствителен“ контекст, непрепознаени, оставени на сопственото стареење или подложени на нестручни и сѐ почесто деструктивни интервенции, тие претставуваат загрозена категорија на која и е потребно итно внимание. Ова прашање се чини уште позначајно, имајќи ја предвид неодамнешната архитектонска трансформација на градот која јасно покажува што се случува кога професионалната совесност, етика и знаење се вон процесот.
Изложбената поставка имаше цел да го привлече вниманието кон оваа значајна и квалитетна архитектура од нашата скора историја. Поставката ја сочинуваа: макети, цртежи, оригинални цртежи од проекти, фотографии и архивски материјали.
Во меѓувреме ѝ се случи најдоброто нешто на архитектурата во последните децении кај нас. Професорот Георги Константиновски стана почесен член на МАНУ. По тој повод, ААМ и АА во Музеј на град Скопје организираа пригодна свеченост за професорот, кој е еден од најзначајните архитекти и како творец, и како професор и како општествено активен во скандалозното преобликување на градот. Членовите на ААМ, на АА, неговите студенти и колеги му изразија бескрајна благодарност за севкупното негово дејствување. Тоа го може само архитект кај кој нема манипулации, импровизации има само соголена архитектура со целата нејзина суштина. Му честитам на професорот од срце и уште еднаш му благодарам за сè.
Во околностите во кои се создава архитектурата кај нас, во услови кога ние архитектите имаме реален и сериозен проблем со репродукција во овие, можеби, најделикатни моменти за архитектурата, мошне е тешко да се организира БИМАС, да се најдат теми, случувања кои ќе бидат дел од програмата на БИМАС, а доволно вредни и квалитени да привлечат внимание. БИМАС се организира во услови над можностите на ААМ, особено финансиски, се е сведено на ентузијазам на поединци кои грчевито се борат да опстане ААМ како единствено здружение на архитектите и БИМАС како единствена манифестација на архитектонското творештво во РМ. Организациониот одбор вложи огромен труд и напор за да се случи 18-тото биенале со квалитена програма и богата содржина.
Значајно е да се изложи архитектурата што сега ја создаваме. БИМАС е изложба на архитектонското творештво во изминатите две години. Тоа е темелот на БИМАС на кој се надоградуваат настаните. Исклучително важно, најважно од сè е да се почитува улогата на оние што создаваат архитектура, да се негуваат проектантите како вид во изумирање. Особено во овие околности каде не постојат институции, големи проектантски бироа зад кои може да се застане, туку постои само лична сила и лично уверување. На архитектот му преостанува само оригиналност и знаење како единствено оружје во борбата за добра архитектура, а добрата архитектура во себе содржи елемнти на умеење и сознавање на просторот и времето во кои настанува. Само како таква опстојува на сцената. БИМАС треба и да го вреднува архитектонското творештво, да ги промовира проектантите, да испраќа порака наградувајќи ја архитектурата за која се залагаме.
Комисијата беше составена од квалитетни претставници на нашата професија. После многу состаноци и размислувања донесоа одлука. Не едногласна, не лесна. Доделија Главна награда, две специјални награди за реализирани објекти, награда за проект и награда за реализиран ентериер. Големата награда е најзначајна, многу е важна. Важна е и за добитниците, и за ААМ, важна е и како испратена порака до јавноста. Една од специјалните награди добитниците ја одбија, се заблагодарија и не сакаа да ја примат. Ова прв пат се случува на БИМАС. Не е пријатно за никого, ни за комисијата, ни за добитниците на Големата награда, ни за учесниците на биеналето, ни за ААМ. Некој ќе рече, тој што губи има право да се лути. Често е така, но овој пат не е во право. Неколку пати напоменав и повторно сакам да подвлечам. Проектантите мора да се негуваат, да се промовираат, да се почитуваат. Мораме да најдеме сила да не се повторуваме со наградите, секогаш барајќи различни критериуми и изговори. Критериумот во архитектурата е универзален, мораме да бидеме принципиелни. Но, за жал, не сме такви. Ова долго се шушка(ше) во проектантските кругови и сега за прв пат се случи јавно и се говори гласно.
Мене ми е жал што сите наталожени проблеми овој пат се на оваа комисија и на овој БИМАС. Но, неизбежно беше да се случи. Комисијата е составена од седум члена. Конечното гласање за победникот е во однос 3 за добитникот, 2 воздржани и 2 за добитникот на одбиената специјална награда. Член на жири е многу деликатна и многу одговорна задача. Секој треба да има свој став кој мора да се почитува, но во време на општа криза, кога се мачиме со творештвото, да се биде воздржан во услови кога постои консензус за доделување на награда е многу неодговорно и опасно. Остава многу простор за недоразбирања, за манипулации, остава сомнеж и не е фер ни кон добитниците на наградата, ни кон учесниците на БИМАС. Во случајов изгубивме сите. И доделената Големата награда и специјалните награди се препознавање и истакнување на добрата архитектура. Проблемот е во често, непринципиелно доделување на Големата награда на БИМАС, која некогаш ја доделуваме за селски двор, повикувајќи се на иновативност, некогаш за типски објект кој треба да се приспособи на условите на локацијата, следен пат поради „суптилноста на градбениот чин кој се одликува со комплексност на односите и процесите“, и на крај за високопрефинет начин, афирмирано Мисовото минималистичко архитектонско кредо „помалку е повеќе“. Мислам дека го претеравме. Револтот е разбирлив. Поради наведеното, добар дел проектанти и проектански бироа не учествуваат на БИМАС со образложение дека не сакаат да бидат сценографија за додела на награди за кои ни се повторуваат. Се разбира, кај факултетот чии проекти не ретко повеќе се приказни во просторот отколку реална архитектура. Револтот е бидејќи наградите ги заобиколуваат квалитетните архитекти кои во овие тешки услови се борат и го обликуваат градот, снаоѓајќи се во општиот хаос од урбанистички планови, инвеститори со капитал од сомнително потекло, покажувајќи вештина да се справат со невозможните зададени услови и да се изборат за квалитетна архитектура.
Сметам дека беше прашање на време кога ова ќе ни се случи. Но најважно од сè, е конечно да воспоставиме чесен критериум и да најдеме сила да доделиме награда на најдобрите. На квалитетните објекти не им е потребна награда за да опстојат на сцената, времето тоа ќе го покаже. Но мораме да умееме да оддадеме признание. Не ретко ни се случувале награди на објекти кои никој веќе не ги памети. Во последните 15 години ни се случија 4 Големи награди и 3 специјални на исти автори. Толку награди нема добиено ниту еден друг архитект кај нас, а сме имале многу квалитетни автори, многу пообемно творештво и многу погоелма конкуренција. Се плашам дека многу скоро ќе ни се потрошат и архитектите што објективно ќе добиваат награда за животно дело „Андреја Дамјанов“. За некоја година ќе немаме кому да ја доделиме, па ќе ни се случува истото што и на БИМАС.
Кризата предолго трае, а опортунистите се насекаде.
Покажавме многу пати досега дека знаеме да говориме за архитектурата, но БИМАС треба да покаже и дека знаеме да создаваме архитектура. Бидејќи можеме бесконечно да дебатиреаме што е квалитетна архитектура и никогаш да не ја најдеме апсолутната вистина, но вистината е во изградениот објект. Затоа повторно апелирам во овие исклучително тешки услови, кога трудот и стручноста драматично и алармантно ни е девалвиран, каде професијата не ни се почитува, мораме да научиме да се почитуваме себе и да внимаваме на проектантите што ги имаме сè помалку, да го вреднуваме нивниот труд и вештина.
* * *
Во оваа прилика, сакам јавно да се извинам на редакцијата на „Порта 3“, како еден од нашите најважни поддржувачи и медиумски спонзори за направениот пропуст – недоделување благодарница – направен за време за доделувањето на главните награди и благодарниците на сите што помагаа во реализацијата на БИМАС 2016.
Истовремено, сакам да се заблагодарам на редакцијата на „Порта 3“ за нивната исклучителна и професионална поддршка за БИМАС и воопшто за нивната поддршка на ААМ и нивното медиyмско покривање на сите настани поврзани со ААМ во сите години наназад.
претседател на ААМ,
Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, дипл.инж.арх.