Речиси една третина од компаниите кои учестувале во истражувањето на „Хрватската стопанска комора“ (Hrvatskа gospodarskа komorа – HGK) за потребата за дополнителни знаења и вештини на пазарот на трудот, вработува странски работници. Во најголем дел станува збор за работници од занаетчиски занимања (80%). Значителен дел од компаниите (83%), како најголема предност за вработувањето на странски работници го истакнува пополнувањето на упразнетите работни места, додека најголеми предизвици им претставуваат дополнителните трошоци при нивното вработување и потешкотиите од областа на нивната интеграција. Од компаниите истакнуваат и дека административниот аспект на целиот процес досега бил долг и сложен, па се надеваат дека со примена на новиот Закон за вработување на странци, ќе се олесни постапката и за работодавачите и за работниците.
Од HGK велат дека потребата од работна сила од странство и натаму ќе расте, посебно во секторите градежништво, туризам и трговија. Едно од ограничувањата на Законот се однесува на бројот на странски работници споредено со домашните, и за недефицитарните и за дефицитарните занимања. Законот го пропишува и продолжувањето на дозволите за работа и престој на странските работници од една на три години, како и продолжување на дозволите за сезонските работници од шест на девет месеци.