Победничкото решение за новата зграда на пристанишната администрација во Антверпен, коешто е дизајнирано од страна на архитектонската фирма Zaha Hadid Architects, зрачи со футуристички дизајн, а во исто време оддава почит на историјата на градот.
Имено, Антверпен некогаш бил познат како централно место во коешто се тргувало со дијаманти, па оттука и идејата за реализација на таквата конструкција над постојната зграда, на чија сјајна фасада се рефлектираат облаците и околното пристаниште.
Новиот пристанишен објект претставува централно место за администрација која се состои од околу 500 луѓе. Потребата за проширување била сосема очекувана, со оглед на тоа што Антверпен е второто по големина пристаниште во Европа. Пристаништето овозможува транспорт на околу 200 милиони тони стока годишно и вработува околу 60 илјади луѓе.
Водени од победничкиот проект на бирото на Заха Хадид, новиот волумен е додаден на постоечката зграда претставувајќи нејзина круна, а во исто време се елиминира можноста за загрозување на фасадата на постоечката зграда.
Всушност, оваа зграда е сосема некарактеристична за славната Заха Хадид, чии проекти се генерално со закривени и органски форми. Новата конструкција има стаклена фасада која е изведена од триаголни панели. Некои од нив се транспарентни, со цел да се пропушти светлината во внатрешноста.
Стаклото, исто така, е користено во конструкцијата на новиот покрив на постоечкиот објект.
За време на реновирање на старата зграда и градењето на нова, се водело сметка за енергетската ефикасност, така што различни одржливи системи се составен дел на новата пристанишна зграда.
Новиот бисер на Антверпен веќе е во употреба, а на покојната Захи Хадид и на сите нејзини соработници треба да им се оддаде признание за ова ремек-дело на архитектурата. Или, можеби, подобро кажано за овој архитектонски дијамант.