Универзитетот Индијана во САД неодамна отвори нов објект за Ескенази школата за уметност, архитектура и дизајн, која ја проектирал познатиот архитект Мис ван дер Рое.
Плановите од 1952 година биле наменети за куќа на студентско братство во истиот кампус во градот Блумингтон, каде што бил изграден објектот.
Проектот на новиот објект и е доверен на њујоршката компанија Thomas Phifer and Partners, со цел оригиналниот проект да се прилагоди на современите градежни прописи и неговата сегашна академска функција, притоа зачувувајќи ја предвидената архитектонска естетика, пишува ArchDaily.
Во далечната 1950 година, Мис ван дер Рое добил нарачка за Братската куќа на Универзитетот во Индијана, но подоцна изградбата не била реализирана поради недостиг на средства, а по неколку децении, проектите на крајот се донирани на Архитектонската архива во Музејот на модерни уметности.
Проектот, кој потсетува на куќата Farnsworth на ван дер Рое и Технолошкиот институт во Илиноис во Чикаго, се карактеризира со бела челична рамка и големи прозорци од подот до таванот.
Нивото на приземјето е претежно отворено, додека централниот квадратен атриум е пресечен на горното ниво.
Thomas Phifer and Partners имале задача да го преобликуваат проектот и да го приспособат за модерна употреба. Така, новиот објект има простори за предавања, работилници и канцеларии.
Мебелот дизајниран од Мис ван дер Рое и Флоренс Кнолхав е избран за да го комплетира проектот на објектот.
Дополнителните промени на оригиналниот проект вклучувале додавање на скалила на западното крило, за да се усогласи објектот со важечките безбедносни прописи, со додавање на хидрауличен лифт.
Двокатницата од 930 метри квадратни засега официјално е отворена само за студенти и професори, а јавниот отворен ден и свечениот прием ќе се одржат на 8 април.