Неотектонски и сеизмотектонски карактеристики
Сеизмичноста на територијата на Македонија и околните блиски региони е поврзана за вертикални и делумно хоризонтални поместувања на тлото, долж гравитациони (нормални) раседи. Овие раседи се формирани со неотектонските процеси на вертикални диференцијални движења, кои отпочнале пред околу 18 милиони години, a во некои предели и денес се јавуваат како современи тектонски движења. Тектонските процеси на раседнување имале променлив карактер, при што се менувале периоди на поинтензивна тектонска подвижност со периоди на слаба активност, односно мирување на терените. Се издвојуваат 5 такви етапи на интензивна тектонска активност со кои се образувале издигнати блокови (хорстови) претставени со денешните планини и тектонски депресии (потонати блокови) исполнети со средно и горно миоценски и плиоценско-квартерни седименти. Многу од раседите, кои ги ограничуваат депресиите (грабените) и хорстовите и денес покажуваат мобилност и предизвикуваат сеизмичка активност.
Валандовската Депресија е млада и создадена е во последната, односно во квартерната неотектонска етапа. Тоа го потврдува податокот, дека во Рабровско-Валандовската Котлина неогенските седименти отсуствуваат, а истата е исполнета со наталожена маса дебела околу 70-80 метри од квартерен речен, пороен и падински материјал. Депресијата, со форма на полуграбен, е формирана со квартерен наложен расед (Валандовски Расед) со исток-запад ориентација и пад кон север под агол од 65 ° ‡ 75 °. Овој расед, контрастно изразен во релјефот, го ограничува грабенот од јужната страна, додека северната страна на депресијата не е тектонски лимитирана. Валандовскиот Расед почнувајќи од коритото на Вардар кај селото Марвинци продолжува на исток преку селата Брајковци ‡ Честово до Башибос и натаму на територијата на Грција. Јужно од раседот се издига понизок хорст, изграден од геолошки единици од прекамбриска, палеозоиска и мезозоиска старост.
Сеизмотектонски, Валандовскиот Грабен е дел од сеизмотектонската зона Валандово-Гевгелија. Во зоната се јавуваат млади раседи со различна ориентација од правец исток-запад, североисток-југозапад и север-југ до северозапад-југоисток. Но, од сеизмички аспект најважни се раседите со правецот исток-запад. Валандовската Депресија маркантна со Валандовскиот Расед е сеизмички најактивен дел во поширокото подрачје.
Кај селото Марвинци, во коритото на реката Вардар, Валандовскиот Расед се сече со друг расед со север-југ протегање каде и се лоцирани епицентрите на двата деструктивни валандовски земјотреса (СО/ПМФ-Скопје, 2016) случени во 1931 година (7 март ML=6.0 и 8 март ML= 6.7). Земјотреси долж раседот се јавуваат и на територија на Грција, но со пониски магнитуди. Сеизмичката активност во зоната Валандово-Гевгелија продолжува и денес, а најголем потенцијал за повторување на нов разурнувачки земјотрес има Валандовскиот Расед.
Сеизмичност на валандовското епицентрално подрачје
Сеизмичноста на валандовското епицентрално подрачје и активноста како на Валандовскиот Расед така и на околните, се гледа од големиот број на случени земјотреси во период од 1900 до 2016 година, прикажани на епицентралната карта (слика 1). Ова епицентрално подрачје се карактеризира со честа појава на слаби земјотреси со магнитуда ML<3 и ретка појава на умерени до силни, како што е земјотресот од 1931 година.
Слика 1: Епицентрална карта на земјотресите од валандовското епицентрално подрачје за периодот 1900–2016 година
Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје
Изработила: Д. Черних-Анастасовска
Карактеристично за валандовското епицентрално подрачје е појавата на релативно временски долгата серија на афтершокови кои го следат секој силен земјотрес, која на пример после земјотресите од 1931 година траела неколку години проследена со голем број на слаби и умерени земјотреси. Според досегашните проучувања на ова сеизмичко подрачје, силните земјотреси настапуваат ненадејно, со многу мал временски интервал помеѓу форшоковите и главниот удар. По серијата на земјотреси од 1931 година, досега се случил само еден умерен земјотрес со магнитуда ML =5.2, после кој серијата на земјотреси кои следела траела неколку месеци, нормално за земјотрес со ваква магнитуда (слика 2).
Слика 2: Епицентрална карта на земјотресите од валандовското епицентрално подрачје за периодот мај-јуни 2009 година
Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје
Изработила: Д. Черних-Анастасовска
Слика 3: Епицентрална карта на најсилните земјотреси од валандовското епицентрално подрачје од серијата од 1931 година
Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје
Изработила: Д. Черних-Анастасовска
Табела 1: Земјотреси од серијата од 1931 година со магнитуда ML > 4
Датум |
h:min:s |
ML |
I0 |
7.3.1931 |
00:16:44.8 |
6.0 |
VIII |
7.3.1931 |
01:50:00.0 |
5.0 |
VII |
8.3.1931 |
01:50:24.0 |
6.7 |
X |
8.3.1931 |
02:11:00.0 |
4.7 |
VII |
8.3.1931 |
02:26:00.0 |
4.7 |
VII |
8.3.1931 |
02:30:00.0 |
4.6 |
VII |
8.3.1931 |
02:39:00.0 |
4.6 |
VII |
8.3.1931 |
05:03:00.0 |
4.6 |
VII |
8.3.1931 |
06:28:00.0 |
4.3 |
VII |
Деветте земјотреси со магнитуда 4.0<ML<6.7 (табела 1) од кои два со магнитуда ML>6 се случиле во ова епицентрално подрачје за само два дена, на 7 и 8 март 1931 година (слика 3). Едниот од нив воедно е и најсилниот досега познат земјотрес во овој регион, со магнитуда од 6.7 степени и длабочина на хипоцентарот од околу 16 km. Силината на овој земјотрес имала разурнувачка моќ на релативно голема површина, што може нагледно да се види и од картата на изосеисти (слика 4). Интензитет од VIII степени бил почувствуван дури на 50 километри од епицентарот, а во потесното епицентрално подрачје земјотресот е почувствуван со интензитет од IX и X степени според Европската макросеизмичка скала.
Слика 4. Карта на изосеисти на главниот удар од 8 март 1931 година
Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје
Изработил: Д. Хаџиевски, Графичка обработка: Моника Андреевска
Досегашните сеизмолошки истражувања, укажаа на некои специфични сеизмолошки карактеристики на ова епицентрално подрачје. Од картата на изосеисти на валандовскиот земјотрес од 8 март 1931 година со магнитуда ML=6.7 и интензитет Io=X (слика 4) може лесно да се забележи неправилна форма на изосеистите што укажува на сложените сеизмотектонски услови во регионот. Хипоцентрите на земјотресите се концентрираат на длабочини од 10 до 25 km.
За време на земјотресот од 1931 година биле оштетени околу 45 населени места, од кои 29 во најтесното епицентрално подрачје (претежно регионот на Валандово, слика 5) и 16 во неговата непосредна околина (претежно регионот на Струмица, слика 6). Во самото епицентрално подрачје скоро целосно биле уништени 89 % од севкупниот градежен фонд, додека во непосредната валандовска околина се уништени 39 %. Најтешко погодени, односно срамнети со земја биле селата: Пирава, Јосифово (Караѓорѓево), Валандово, Балинци, Брајковци, Грнчиште, Удово, Градец, Миравци (Миронче), Милетково, Ѓавато, Демир Капија, Давидово, Благуш и Смоквица. Голем број села во тогашните срезови: Неготински, Дојрански, Струмички и Гевгелиски биле тешко оштетени. Посебно тешко биле оштетени селата Богородица, Стојаково, Богданци, Негорци, Моин, Кованци, Коњско, Серменин (Терменин) и Хома во кои сите објекти биле напукнати, а имало и доста срушени.
Земајќи ја предвид големината и просторната дистрибуција на оштетувањата, бројот на човечки жртви и повредени не бил сразмерно висок. Во овој земјотрес загинале 31, а биле повредени 82 лица. Малиот број на човечки жртви и повредени се должи на двата помали земјотреси кои му претходеле на главниот удар алармирајќи му на населението да ги напушти објектите, овозможувајќи поголемиот дел од населението да го дочека главниот земјотрес надвор од објектите.
Најголема смртност (19 лица) е предизвикана во селото Пирава. Критичната ноќ, почувствуван е прилично јак потрес, кој ги натерал селаните да ги напуштат своите домови. После еден час под ведро небо, започнува силен дожд кој ќе ги натера да се вратат назад во своите домови, каде ги затектува катастрофалниот земјотрес. Во Валандово, најтешко оштетениот град (штета оцената на 16 милиони динари, (Политика 16 март 1931 година) и најголемо населено место во регионот, регистрирани се само две жртви и двајца повредени. Едната жртва е козар, кој ноќевал на отворено, под карпа која од земјотресот се руши и го усмртува заедно со 260 кози. Втората жртва е воденичар, кој го губи животот поради уривање на воденицата (Политика, 11 март 1931 година).
Силниот удар бил причинител и на оштетувања на теренот и природната околина, јасно изразени преку деформации на железничката пруга (слика 8), значајни површински пукнатини во земјиштето (слика 7), рушење на карпести маси (слика 9), појава на подземни води – извори (слика 10) и на места значајни денивелации на теренот. Железничката пруга претрпела големи оштетувања на повеќе места во должина од 59 km, како последица на денивелацијата и бочните поместувања на теренот, но и избивања на топла подземна вода. На некои места железничката пруга била деформирана во вид на цик-цак линија со амплитуда од 40 до 50 cm. Поради оштетување на железничките мостови, прекината е железничката комуникација помеѓу Скопје и Солун, која повторно е воспоставена на 10 март (Политика 11 март 1931 година).
Појавени се големи одрони и свлечишта долж патната инфраструктура. На патот за Лисине, околина на Босилеград (Бугарија), поради одрон на „два огромни брега“ затрупан е самиот пат и прекинат е сообраќајот на тој правец (Политика, 8 март 1931 година).
Најголемите пукнатини на теренот биле забележани помеѓу Валандово и селото Пирава. Во просек овие пукнатини биле широки околу 20 сантиметри од кои избивала топла вода и густ талог. Најголемата забележана пукнатина била широка 2 метри и долга скоро 1 километар. Во епицентралното подрачје скоро сите бунари со питка вода се наполниле со жолтеникава и матна вода. Нивелманот извршен во 1933 година укажа дека, освен наведените површински терестријални промени, котлината на Валандово е спуштена за 40+ сантиметри.
Слика 5. Валандово, 1931 г. Слика 5. Струмица, 1931 г.
Фото-документација, Михаиловиќ, 1936
Силниот удар бил причинител и на оштетувања на теренот и природната околина, јасно изразени преку деформации на железничката пруга (слика 8), значајни површински пукнатини во земјиштето (слика 7), рушење на карпести маси (слика 9), појава на подземни води – извори (слика 10) и на места значајни денивелации на теренот. Најголемите пукнатини на теренот биле забележани помеѓу Валандово и село Пирава. Во просек овие пукнатини биле широки околу 20 cm од кои избивала топла вода и густ талог. Најголемата забележана пукнатина била широка 2 m и долга скоро 1 km. Во епицентралното подрачје скоро сите бунари со питка вода се наполниле со жолтеникава и матна вода.
Забележано било преполнување на базените во Негорските бањи за време на главниот удар, но и покачување на температурата на водата за 4 степени (од 36 на 40 °C), која се вратила на својата нормална температура дури после 10-12 дена. За разлика од оваа бања, бањата кај Струмица после главниот удар скоро целосно пресушила. После скоро 5 недели водата повторно почнала да се враќа во бањата.
Главниот удар од 8 март 1931 година е регистриран од бројни сеизмолошки станици ширум светот, од кои најоддалечената е на 18.000 километри од Валандово, станицата во Велингтон (Нов Зеланд).
Сите операции на спасување, пружање на медицинска помош на загрозените, снабдување и друго, изведувани се во изразито лоши метеоролошки услови. По серијата на последователни земјотреси во текот на ноќта, на 12 март утрото започнува да дува силен ветер кој ги разнесувал керамидите од крововите, шаторите на настраданите дури и соборува неколку телеграфски столбови. Долж целиот свој тек, Вардар бил многу надојден и се излива кај Гостивар и на други места.
По валандовската катастрофа од сите страни на Кралството Југославија започнала да пристигнува помош за настраданите. Покрај помошта, стигнале и голем број телеграми во кои се изразува жалење поради несреќата која го погодила јужниот дел на Кралството. Помошта и телеграмите се примени со благодарност; меѓутоа со оглед дека Кралската влада (слика 16) донесе одлука за непримање на прилози од земјата и од странство, сите прилози пристигнати по одлуката на Кралската влада ќе бидат вратени „на благородните луѓе, кои ги пратиле, со благодарност и наведено образложение“ (Политика, 14 март, 1931).
На 16 март (понеделник), Управата на „Шипад“ од Бања Лука одлучува да донира бесплатно готова граѓа за домовите на настраданите од земјотресот. Во врска со одлуката, наложено е сите работилници на „Шипад“ во Добриље и Дрвар да работат со „полна пареа“ за да првата пратка може да биде пратена до крај на тековната недела (Политика, 17 март 1931).
Главниот одбор на Црвениот крст (Белград), освен помош во намирници, облека, шатори, ќебиња и друго, определи кредит од 300.000 динари за прва помош, додека Скопскиот обласен одбор подели 400.000 динари „таму каде помошта е најпотребна“ (Политика, 11 март 1931).
Веднаш после големата катастрофата и државата презела итни мерки за помош на настраданиот регион (слики 11-14). Донесена е одлука да им се помогне на жителите, првенствено на економски понемоќните во епицентралното подрачје во градба, санација и реконструкција на оштетените објекти за домување. Државата во голема мерка ги поддржала и работите околу реконструкцијата на оштетената патна инфраструктура. Санирани се оштетените патишта, мостови и железници. Постои податок дека се реконструирани повеќе од 4.283 (од вкупно 7.163) објекти за домување од кои за обнова на половината средствата ги обезбедила државата. Заедно со поправките на инфраструктурните и други јавни објекти, овој земјотрес го чинел Кралството Југославија околу 30 милиони динари. Во најтешките моменти, највисоките државни претставници го посетиле погодениот регион во знак на поддршка на настраданото население (слика 15).
За да се оцени обемот на проблемите и штетите, димензионираат соодветни мерки за итно сместување и планираат соодведни мерки за ревитализација и реконструкција на регионот биле формирани комисии за процена на штети. Комисиите, во чиј состав биле началникот на срезот, еден инженер и еден лекар хигиеничар, (формирани се за најпогодените срезови Неготински, Дојрански, Гевгелиски и Струмички) со задача да ги обиколат сите села во своите срезови, да ги прегледаат урнатите и оштетените објекти, да ги сослушаат кажувањата на сите селани, во специјално изготвени обрасци точно да ги забележат сите теренски наоди, да подготват и достават сумарен извештај за настраданиот регион (слика 17), со посебен осврт на бројот на куќи и згради кои: 1) со мали „преправки“ можат веднаш да се стават во функција, 2) после детални преправки можат да бидат ставени во функција, и 3) не можат да бидат ставени во функција, односно мора да бидат повторно изградени.
Првата изјава на сочувство (Политика, 11 март 1931 година) пристигнува од, претседателот на Грчката Република господин Заимис кој изразува длабока емпатија за настраданите од земјотресот. Сочувства пристигнуваат и од голем број европски земји (по азбучен ред: Белгија, Велика Британија, Германија, Италија, Полска, Унгарија, Чехословачка, Швајцарија, Шпанија и други).
Земјотресот, страдањето на народот и напорите на државата за санација на настанатите состојби биле медиумски одлично покриени. Информирањето ослободено од сите самопромотивни или спектакуларни теми, било коректно и обезбедувало двонасочен проток на информации од настраданото подрачје до државата и од државата до настраданите. Главен национален медиум е Политика, меѓутоа има и други весници. Освен дневните информации за настанатата штета, потребите на населението и преземените мерки, дадени се и описи на реакциите и оценките на психо-физичката реакција на населението изложено на континуирано дејство на голем број последователни земјотреси во изразито лоши метеоролошки услови (јаки дождови, силни ветрови, дури и снег), наслови како „Морничави слики во разрушените села“ (Политика, 10 март 1931), или „Урнатини од Демир Капија до Гевгелија“ (Политика, 14 март 1931), се секојдневни теми стандардно присутни во сите изданија од 8 март 1931 година. На обемот на катастрофата внимание му посветуваат и странските медиуми чии дописници или новинари го посетуват настраданото подрачје (Журнал, Луи Комбализијас, Париз; Чикаго Трибун, САД, Густав Свансон, дописник од Париз; Елефтерон Вима, Атина, Хамијотис, главен уредник и други).
За филмување на деструкцијата предизвикана од земјотресите од 7 и 8 март, интерес покажуваат виенски и париски кинооператори. На 13 март 1931 година во погодениот регион пристигнуваат Ади Мајер (Виена) и Сантион Сазио (Paramount Pictures, Париз) со посебен интерес за филмување на „опустошените места“ Пирава, Валандово, Јосифово (Караѓорѓево) и Струмица.
Слика 15. Извадок од весникот Политика, 10 март 1931 година
Документаристичка архива на проф. д-р Зоран Милутиновиќ
Слика 18. Сеизмограм, компонента NE, снимен во станицата во Белград, 7 март 1931 година
Фото-документација, Михаиловиќ, 1936 година
Сеизмичка опасност за поширокиот регион на Валандово
Потесниот регион околу Валандово според најновите карти на сеизмичко зонирање (слика 19) припаѓа во зона со највисока сеизмичност во Македонија (Z-5). Оттаму, објектите кои ќе се градат во овој регион според европските прописи ќе бараат највисоко ниво на сеизмичка заштита.
Слика 19. Карти на сеизмичко зонирање на Македонија за повратен период од 475 години, изработени според барањата на стандардот МКС EN 1998-1:2012 – Еврокод 8 Извор на податоци: Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, УКИМ -ИЗИИС, Скопје Автори: З. Милутиновиќ, Р. Шалиќ; Соработници: Н. Думирџанов, В. Чејковска, Л. Пекевски, Д. Томиќ |
Автори: проф. д-р Зоран Милутиновиќ1, д-р Драгана Черних-Анастасовска2, проф. д-р Никола Думурџанов3, доц. д-р Радмила Шалиќ1, м-р Катерина Дрогрешка2, д-р Вера Чејковска2, м-р Јасмина Најдовска2, Даниел Томиќ.1
1 Универзитет Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
2 Универзитет Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка опсерваторија.
3 Рударско-геолошки факултет во Штип.