Едноставен, но необичен, модуларен и многу практичен е најдобриот опис на оваа колекција.
The Room Collection, е колекција на мебел или полици зад кои стојат Ерик Оловсон и Кјухијунг Чо. Во основа, колекцијата е серија дрвени блокови со геометриски негативни простори во кои може да се складираат разни работи. Блоковите се модуларни, што значи дека може да се ставаат едни на други за да се градат по желба полици или плакари. Ова би било само уште еден во низата модуларни парчиња мебел, да не беше еден специфичен додаток.
Она што ги прави овие полици различни се нивните простори за складирање, кои се претставени со различни геометриски исечоци, од конвенционални квадрати и правоаголници до кругови и елипси, па дури и триаголници и шестоаголници. Исечоците му даваат на секој поединечен блок уникатен карактер. Подолгите исечоци се совршени за ставање шишиња со вино, на пример, додека цик-цак варијантите се совршени за таблети, лаптопи и книги.
Дел од авантурата е всушност склопување на деловите за да добиете парче мебел што одговара на вашиот дом. Вториот дел е оној каде наоѓате разни интересни предмети што би ги прикажале на вакви полици. The Room Collection го претвора мебелот во уметност, овозможувајќи да се создаде уникатен колаж од предмети од околината.
Дизајнерите на овој интересен концепт всушност сакале да создадат „соби“ за вредни предмети, каде што секоја „соба“ ќе биде уникатна и невообичаена на свој начин. Секој блок е направен од иверица и покриен со боров фурнир. Кога подобро ќе се погледнат овие блокови, всушност се гледаат детски коцки, кои потсетуваат на детството.