Разгледница со потпис во вид на цртеж од познатиот уметник Пабло Пикасо е продадена на аукција во Германија за астрономска цена од 166.000 евра.
– Ниту една разгледница не постигнала толку голема цена – тврдат од аукциската куќа „Гертнер“ од Штутгарт.
Купувачот, американски колекционер чие име не е познато, ја купил разгледницата лицитирајќи преку телефон.
Разгледницата со панорама од воздух на францускиот град По, Пикасо ја испратил на својот пријател, познатиот поет Гијом Аполинер на 5 септември 1918 година. Но, наместо да напише неколку зборови, шпанскиот мајстор му нацртал цртеж кој според „Гертнер“ може да се смести во кубистичката фаза на сликарот.
Разгледницата никогаш не пристигнала на адресата на Аполинер. Пикасо ја адресирал на шпански пишувајќи „Дон Гиљермо Аполинер“, што било доволно париска пошта да му ја врати разгледницата на испраќачот со напомена дека „примателот е непознат“.
Неколку месеци откако му била испратена разгледницата, Аполинер починал од грип.