Насловна / Вести / Разбивање на монополот на „Гугл“ – обвинителите бараат „Хром“ да се продаде

Разбивање на монополот на „Гугл“ – обвинителите бараат „Хром“ да се продаде

„Гугл“ мора да го продаде својот веб-пребарувач „Хром“, да споделува податоци и резултати од пребарувањата со конкурентите, како и да преземе низа други мерки за да се разбие монополот на таа компанија во пребарувањето на Интернет, истакнуваат американските обвинители.

Ваквите промени во суштина ќе резултираат со тоа што пребарувачот на „Гугл“ ќе стане строго регулиран и надгледуван од истиот федерален суд во Вашингтон кој пресуди дека компанијата управува со нелегален монопол во онлајн пребарувањето и маркетингот.

„Гугл“ контролира околу 90 отсто од пазарот за онлајн пребарување.

„Незаконското однесување на ‘Гугл’ ги лиши ривалите од критичните дистрибутивни канали, но и партнери кои би можеле да овозможат на конкурентите да влезат на овој пазар на нови и иновативни начини“, соопшти американското Министерство за правда.

Судските документи поднесени деновиве го прошируваат поранешниот нацрт за тоа како институциите на САД сакаат да му стават крај на монополот на „Гугл“. Компанијата го нарече предлогот радикален и предупреди дека ќе им наштети на потрошувачите и бизнисите, како и дека ќе ја поткопа американската конкурентност во вештачката интелигенција.

„Гугл“ соопшти дека ќе поднесе жалба до судот.

Од друга страна, барањата на Министерството за правда се сеопфатни и вклучуваат петгодишна забрана на „Гугл“ за повторно да влезе на пазарот на пребарувачи. Покрај тоа, се инсистира на продажба на оперативниот систем Андроид, доколку сите други мерки не успеат да ја вратат слободната конкуренција.

Министерството, исто така, побара забрана „Гугл“ да купи и инвестира во некој друг актуелен ривал за пребарување, одредени производи на вештачка интелигенција или технологија за онлајн рекламирање.

Едно од главните барања е судијата Амит Мехта да ги укине ексклузивните договори според кои „Гугл“ плаќа милијарди долари на „Епл“ и другите производители на уреди на нивните телефони и таблети да се подразбира, односно под „default“, да стават „Гугл“ пребарувач.

„Гугл“  ќе има шанса да ги претстави своите предлози во декември.

Мехта го закажа судењето да започне во април, но идната администрација на Доналд Трамп и следниот антимонополски челник на Министерството за правда може да го смени начинот на кој се одвива случајот.

Испрати коментар

Scroll To Top