Повеќе од педесет години на оддалеченост од само еден километар од центарот на Мал Лошињ, на истоимениот остров, се наоѓа хотел којшто во 1966 година го проектирал Здравко Бреговац, архитект кој во текот на својот 25-годишен работен стаж проектирал повеќе од 30 хотели од кои повеќето се на јадранскиот брег, како потреба од зголемениот број домашни и странски туристи.
Хотелот се наоѓа во заливот Чикат, на самиот брег на морето, а од трите страни е опкружен со борова шума. Изграден е како атриумски објект со изразен хоризонтален карактер. Промените што се случуваа во општеството во последните педесетина години не го заобиколија ни туризмот како една млада, но многу значајна економска гранка како за островот Мал Лошињ, така и за Хрватска во целина.
Како што барањата за комфор и пристапот кон туризмот се променија, се јавија идеи за реконструкција на голем број значајни туристички објекти кои се наоѓаат на јадранскиот брег. Таков е примерот со хотел Белви, којшто во текот на 2013 и 2014 година е реконструиран во прв хотел со 5 ѕвезди на островот. Реконструкцијата за рекордни 7 месеци ја направи студио Русан од Загреб.
Атриумот како интересен и корисен отворен простор остана, додаден е премин што води од влезниот хол што се наоѓа на север до јужниот дел на зградата и додадени се скали што водат сè до брегот на морето. На тој начин остварена е поврзаност меѓу деловите на објектот, коишто дотогаш не беа поврзани. Освен влезниот хол со рецепција, на приземјето се наоѓаат повеќе делови што се визуелно поврзани преку атриумот како што се ресторан, лаунџ бар, конференциски сали и лоби. Хотелот има отворен и затворен базен, спа-центар и фитнес-зона. На спратовите се наоѓаат простории за сместување коишто се разликуваат во зависност од опременоста и квадратурата. Архитектонскиот израз на хотелот е дефиниран пред сè со намалена употреба на материјали и бои.
Хотелот е во бела боја, со јасни хоризонтални елементи, коишто му даваат карактер на целиот објект. Одредени делови на приземјето се обложени со камен во светла боја, којшто не го нарушуваат впечатокот за чистиот, едноставен, бел објект.
Ентериерот од друга страна е прилично живописен и во зависност од функцијата е впечатлив на друг начин. Многу амбиенти се намалени, но со употреба на камен или дрво на подот, како и со употреба на темен мебел во релативно светлите простории се прави одредена контрасна слика.
Ентериерот е прилично намален, елегантен и ненаметлив. Еден од елементите што не е дел од ентериерот, но сепак влегува во целокупната слика е уредениот парк во самиот атриум, којшто преку големи стаклени површини на приземјето се гледа од внатрешноста на хотелот. Со тоа не само што е постигната визуелна комуникација меѓу деловите што се лоцирани на приземјето, туку и визуелна едноставност на целокупниот простор на приземје. Еден од големите квалитети на ова архитектонско решение е поврзаноста на приземјето на хотелот со морето. Преку изградениот премин на приземјето, којшто минува низ атриумот се доаѓа до дел од каде што низ скали се доаѓа до брегот на морето.
Проектот за уредување на овој дел исто така го изработи студио Русан, а е реализиран во 2015 година. Дефиниран е со каскадна организација на просторот, којашто претставува повеќенаменски јавен простор. На тој начин проектот за реконструкција на хотел Белви претставува единствена целина што го поврзува хотелот, просторот пред него, плажата и морето.
Овој проект претставува една успешна реализација на реконструкција на хотел и претворање на еден објект во нов современ хотел што ги исполнува сите барања на современиот туризам. Исто така со паметното проектирање се користат сите предности на стариот објект и се надоградуваат функциите коишто го прават целокупниот простор употреблив и пријатен. Истовремено само со минимална измена на изгледот на објектот се покажува разбирање за вредноста на архитектурата на првобитниот објект и за околината во којашто објектот се наоѓа.