За сите граѓани кои сакаат да го исфрлат гасот како енергент од своите домови, и да започнат да користат енергија од еколошки поприфатливи извори, Град Виена подготвил премии. Но, реализацијата на програмата „гасот надвор“ (Raus aus Gas) во Виена, сепак не оди со планираната динамика. Некои сопственици на згради не сакаат да преминат на чиста енергија. Се случува и потстанарите да не се заинтересирани. Така е и во зградите кои се наоѓаат во сопственост на градот, каде некои од станарите инсистираат да го задржат греењето на гас, а сопствениците не смеат да спроведат промени без дозвола на станарите.
Со цел да ги задоволи и двете страни, Град Виена од март ќе дава субвенции од по 1.000 евра по стан, од кои средства една половина е за станарите, а една половина за сопствениците. Услов за добивање на премиите за декарбонизација е станарот да престане да користи гас за готвење, греење и загревање на вода. Ќе биде исплатена кога ќе се отстрани приклучокот за гас. Во Виена има 30.000 станови во кои се готви само на гас. Локалните власти се надеваат дека со субвенциите, значителен дел од нив ќе го напуштат гасот. Виена планира најдоцна до 2040 година да стане целосно климатски неутрален град.